ФУДБАЛ
Тој беспрекорно се вклопи во стилот на игра на Ливерпул, кој во голема мера се потпира врз играчи со слични карактеристики, особено во нападот
Луис Дијаз е во Ливерпул многу кратко време, но веќе остави свој белег. Откако пристигна во Ливерпул во јануари, од Порто, Колумбиецот одигра над 10 меча во сите конкуренции и постигна два гола во Премиер-лигата, против Норич и против Брајтон. Во меѓувреме го освои и првиот трофеј со Ливерпул, во Лига-купот, по триумфот во незаборавното финале со Челси на пенали, 11-10.
Дијаз (25) е крилен напаѓач и претежно игра по левата страна. За репрезентацијата на Колумбија одигра 33 меча и има седум гола. Професионалната кариера ја почнал дома, во Баранкилја, Колумбија, во 2016 година, од каде што се преселил во Атлетико јуниор, во Примера А, каде што на 67 меча постигнал 15 гола. Оттаму заминува во португалски Порто, на 22 години, каде што освојува две двојни круни, во шампионатот и во Купот на Португалија. Вкупно, за две и пол сезони во Порто постигнал 41 гол.
Трансферот ќе го чини Ливерпул околу 50 милиони евра, плус бонуси во следните пет години. Овој зимски трансфер беше неочекуван, бидејќи сите индиции беа дека ќе случи летово. Но се вмеша Тотенхем, по што Ливерпул беше принуден веднаш да реагира и да го склучи договорот во јануари. Дијаз беше поврзуван и со Вестхем, а наводно бил скаутиран и од повеќе познати европски клубови. Според сѐ што покажа на досегашните мечеви, потегот на „црвените“ се покажа како повеќе од добар. Дијаз има брзина, агресивност, интензитет, добар дриблер е. Тој беспрекорно се вклопи во стилот на игра на Ливерпул, кој во голема мера се потпира врз играчи со слични карактеристики, особено во нападот. Но тој не ги занемарува ниту одбранбените задачи. Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, го сакаше Дијаз затоа што неговата игра одговараше на неговиот систем и стил на игра со висок пресинг. Но тој има завидна позитивна статистика кога станува збор за враќање на топката во свој посед, обидите за дриблинзи и за задржување на топката, а упатува и голем број удари на голот, влегувајќи од левата страна кон средината.