Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оддалечено околу 25 километри од Велес, моментално дел од општината Чашка, Мартолци веќе со децении има стабилно снабдување со струја и со вода, а канализација има повеќе од 15 години. Некогаш имало и училиште до четврто одделение и амбуланта, но тие веќе одамна се затворени. Дури и селската црква се отвора само по потреба. Селото се наоѓа точно покрај пругата Скопје – Велес, по која во изминативе години возот поминува само двапати на ден

ЕКИПА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВО ОБИКОЛКА НА РЕОНОТ ПО ТЕКОТ НА БАБУНА

Во исчекување на резултатите од есенскиот попис на населението, кој по дведецениското одложување, слободно може да се нарече и историски, екипата на „Нова Македонија“ тргна да ја пресретне пролетта низ азотските села по текот на Бабуна. Но изборот на главната дестинација не му го препуштивме на случајот, туку, возејќи по тесниот пат што ја преминува пругата без никакви знаци, се упативме кон едно од селата за кое неговите се помалобројни жители велат дека не им е познато од каде го добило името. А наспроти првичните асоцијации дека тоа би можело да има некаква врска со тековниот месец март, во популарната Википедија се наведува дека името Мартолци потекнува од мартолози, еден вид народна милиција, која се состоела од претежно локално христијанско население и била користена како внатрешна безбедносна сила на Отоманското Царство. На тоа наведувало името, кое, според некои извори, најверојатно потекнува од зборот арматолос – вооружен заштитник, капидан. Имајќи ја предвид значајната местоположба на Мартолци на главните сообраќајни врски и крстопатот на областа Азот по долината на Бабуна, голема е веројатноста тоа да било седиште на мартолоска чета.

Нејќат невести в село

Но многу повеќе од историските податоци, импресионира актуелната состојба во селото, во кое речиси една третина од населението, како што потенцираа домаќините од семејството Диковски и неколкуте нивни соседи, кои веднаш дојдоа кога видоа дека има посетители, се ергени, од кои најстариот пред некој ден наполнил 65 години.

– Нејќат невести в село. Дури кога некој и ќе успее да се ожени, веднаш се преселува во Велес. А нашите девојки одат на школување и не се враќаат – раскажуваат низ смеа, не можејќи ни да се присетат кога последен пат имало свадба во Мартолци.

Деца речиси нема. Шест основци и три средношколци на околу 120 постојани жители, колку што проценуваат домаќините.
А тоа, веќе на прв поглед, може да се заклучи и од селската архитектура. Наспроти доминантните и според бројот и според големината, повеќе или помалку разурнати куќи од дрво и ќерпич, од кои многу мал дел сѐ уште покажуваат некакви знаци на живот, се навистина ретките новоизградени куќи во кои постојано се живее и викендички што веќе и со самите свои димензии покажуваат дека намената им е ограничена.

– Доаѓаат луѓе за викенди и летно време и си заминуваат – раскажуваат домаќините, чудејќи им се на умот на тие што повеќе не се враќаат, бидејќи, како што велат, селото веќе долго време ја има сета потребна инфраструктура, за која со гордост раскажуваат, а велат и дека од земјоделството може да се живее доколку човек не е премногу алчен.

Повеќе трактори од автомобили

Оддалечено околу 25 километри од Велес, моментално дел од општината Чашка, Мартолци веќе со децении има стабилно снабдување со струја и со вода, а канализација има повеќе од 15 години. Некогаш имало и училиште до четврто одделение и амбуланта, но тие веќе одамна се затворени. Дури и селската црква се отвора само по потреба. Селото се наоѓа точно покрај пругата Скопје – Велес, по која во изминативе години возот поминува само двапати на ден, доколку нема некаков дефект или не штрајкуваат железничарите.

– Затоа повеќето луѓе што беа вработени во Велес или во Скопје и се отселија. Во меѓувреме ни ја укинаа и редовната автобуска линија и сега има само комбе што ги носи децата на училиште. Но тоа за нас што останавме не е преголем проблем, бидејќи секој денес има автомобил – нѐ уверува домаќинот Блаже.

Забележливо беше и дека многу повеќе од автомобили, низ асфалтираните селски сокаци врват трактори, така што на нашето чудење домаќините објаснуваат дека секоја куќа во која се живее има и трактор.

– Речиси сите живееме од земјоделство. Тутунот ни е главна и сѐ уште најисплатлива култура. Но одгледуваме и сѐ друго што може да вирее на оваа почва. Добиток помалку чуваме. Ние само во селото имаме неколку крави, еден сосед чува околу 140 овци и понекој има по една-две кози. Производите ги продаваме сами на пазарите во Богомила и во Велес и, фала му на господ, ни стасува – пресметува домаќинката, брзајќи да ги послужи гостите со кафе и со благо.

Сонуваат за брана на Бабуна

И тука се вмешува нејзиниот сопруг Блаже, објаснувајќи дека уште подобро ќе беше доколку на Бабуна имаше брана со која би се обезбедило наводнување на посевите и во сушните летни месеци.

– Вака, секојпат сме на работ, а со браната би биле сигурни и би се осмелиле и на поголеми вложувања. Оваа почва може да даде уште многу само ако се наводнува – се обидува да нѐ увери тој.

Но неговиот сосед Тони Гиновски го прекинува.

– Доцна е, мил мој. Кој ќе работи, луѓето си отидоа. Како ќе ги вратиш. Ти си еден од ретките во селото што има деца. Ќе останат ли за да ја чекаат браната – прашува тој.

Одговорот на прашањата „ќе останат ли“ и „колку останаа“ би требало да произлезе од пописните резултати што за некој ден ќе бидат објавени, се разбира, доколку не се исполитизираат. За Мартолци приближно се знае. Тие од Втората светска војна излегоа со над 400 жители, но национализацијата и индустријализацијата во претходната држава, а потоа и неуспешните приватизации на велешките фабрики, во кои голем од мартолчаните некогаш работеа, ги натераа егзистенцијата да си ја побараат подалеку од родното место. Така, бројката од околу 250 жители во 1991 година, се намали на 180 во 2002-та, а сега се очекува дека ќе има околу 120.

– Некогаш и по триесетина луѓе наутро го чекаа возот за да одат во Велес на работа. Сега одиме со воз само кога треба да пазариме во Богомила или во Чашка, зашто селскиот дуќан ни го затворија. А и возот сѐ поретко поминува – раскажуваат тие.

Д.М.М.

Фото: Маја Јаневска-Илиева