Во пресрет на 66-то издание на „Евровизија“, македонската претставничка Андреа ги засилува подготовките за Торино. На сценските движења работи со Билјана Пашариковска.
– Ова е многу личен проект и одлучивме луѓето кои ме познаваат најдобро да бидат дел од него. Билјана е човек кој не само што ми помага да ја почувствувам сцената како мој дом, туку ми дава и поддршка и стабилност. За сценскиот настап не би откривала многу, освен дека акцентот е ставен на мојата автентична експресија и движењата само ја поддржуваат – изјави Андреа.
Младите вокалистки Ана Петановска и Рената Кралевска ќе бидат придружни вокали на нашата евровизиска претставничка во Торино.
Ана Петановска е матурантка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Професионално со музика се занимава 5 години, а од својата најрана возраст активно е музички ангажирана преку учество во бројни музички натпревари. Минатата година беше учесник на „Аларм“ фестивал и настапуваше на Василичарскиот концерт со Македонската филхармонија. Инволвирана е во бројни проекти и соработки, како во албумите на нејзиниот брат Стефан Петановски, „Eros и Architect of Reality“. Нејзината последна песна „Haya“ е објавена во февруари годинава.
Рената е македонски пејач и автор со бројни национални и интернационални достигнувања во кариерата. Во сите свои проекти се потпишува како автор, вклучувајќи и песни за други македонски и странски изведувачи. Во 2010 како ексклузивец на македонската продукција „Скај ај ентертејмент“ (Sky Eye entertainment) објавува шест песни продуцирани од Зоран Алексиќ, а првиот сингл „Time Time“ е објавен од најголемата дистрибутивна компанија во светот „Радио експрес Лос Анџелес“. Нејзиниот последен сингл „Queendom“ е продуциран и издаден во Шведска. Моментално студира соло пеење на отсекот за популарни жанрови при Музичката академија во Скопје.
Што се однесува до стајлингот за сценскиот настап во Торино, Андреа ја продолжува соработката со Цаци Паковска, која го искреира изгледот на Андреа за официјалниот видеоспот за „Circles“.
– Цаци комплетно ме разбира и знае точно што сакам без да и кажам. Со оглед на нејзиното искуство, сметам дека е најсоодветен избор за едно вакво важно претставување пред Европа и светот – истакна нашата претставничка.
Добар тренинг за она што ја очекува Андреа во Торино се и промотивните настани, а по гостувањата во Црна Гора и Романија, следни на агендата се Лондон, Тел Авив и Мадрид.
– Мразот го скршив во Романија каде за прв пат ја испеав песната во живо. Тремата ја победив и сега само преостанува да вежбам и да излезам на 12. мај како најдобрата верзија од себе.-искрено вели Андреа.
„Евровизија“ годинава ќе се одржи во две полуфиналиња на 10 и 12 мај и едно финале на 14 мај, а Андреа настапува во втората половина на второто полуфинале на 12 мај.