Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, на вонредниот НАТО Самит кој се одржа во Брисел, ги потврди ставовите на земјата за поддршка на воената криза во Украина, како и целосната усогласеност на надворешната политика со политиката на Сојузот и неговите земји членки кои делат исти вредности.
– Од особена важност е што во време на воена криза од вакви размери сите држави сојузници делуваат обединето и ја даваат својата поддршка на земја која го брани своето право на територијален интегритет и суверенитет. Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со Европската Унија. Ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ, со цел да се обидеме да ја одвратиме Русија од воената агресија врз Украина, а како држава покажавме подготвеност и донесовме одлуки и за идентификување на капацитетите и обезбедување на сите материјални средства согласно нашите можности, коишто се потребни за прифаќање на евентуалните бегалци од Украина – изјави премиерот Ковачевски, во интервју за МИА.
Во однос на безбедносната состојба на Република Македонија, премиерот Ковачевски истакна дека земјата е во стабилна ситуација, благодарение на правилно донесените стратешки одлуки.
– Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг и макотрпен, но сега, во време на воена криза од вакви размери, гледаме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Северна Македонија е дел од мисиите на Сојузот, како и од вежбите кои тој редовно ги спроведува – потенцираше Ковачевски, потврдувајќи ја стабилната безбедносна состојба на земјата.
Во однос на барањата за затворање на небото над Украина, тој изјави дека ставот на Сојузот е дека тоа би значело отпочнување на воен конфликт помеѓу НАТО и Русија, кој би прераснал во војна од невидени размери, поради што одлуката и на НАТО и на другите земји, коишто се веќе дел, но и оние коишто се на пат кон влез во Европската Унија, останува со економски санкции и други невоени средства за санкции да се одврати Русија од понатамошни воени дејствија.
На вонредниот Самит беа разменети мислења и за следните чекори и одлуки кои ќе се донесуваат во следниот период, во насока на оформување на иднината на Алијансата и нејзиното зајакнување, како и во насока на процесот во врска со Самитот во Мадрид кој е планирано да се одржи во јуни.