Италија првпат загуби на домашен терен во мундијалските квалификации
Македонската фудбалска репрезентација со синоќешниот триумф (1-0) во Палермо и го нанесе на Италија првиот пораз на домашен терен во квалификациите за Светско првенство.
Ефектот на Италија до дуелот со Македонија беше 48 победи, 11 нерешени и ниту еден пораз во 59 мундијалски квалификации пред своите гледачи.
Италија беше една од само трите репрезентации која досега немаше пораз на домашен терен во квалификациите за Светско првенство, покрај Шпанија (51-10-0) и Бразил (49-12-0).
Воедно, Италија стана само четвртиот актуелен европски првак, кој не обезбедил пласман на следниот Мундијал, по Грција (2004/06), Данска (1992/94) и Чехословачка (1976/78).
Македонските фудбалери приредија сензација синоќа во Палермо и со голот на Александар Трајковски во 92 минута обезбедија пласман во финалето на мундијалскиот бараж во кое противник во вторник ќе им биде Португалија во Порто.