Александар Манчиќ (40) од Пожаревац, Србија, пред десет години одлучил да чекори бос по улиците на својот роден град, без стегање и плускавци од неудобните обувки. Подоцна тоа го правел и насекаде низ Србија и надвор од неа, односно секаде и во секоја пригода. За порталот „Б 92“ тој откри како дошол на оваа идеја, која стана негов животен стил, кои држави повторно би ги посетил, во кој единствен музеј не можел да влезе бос и кои убавини на Србија би им ги препорачал на сите задолжително да ги посетат. Најпрво почнал да оди бос од љубопитство, но еден ден едноставно одлучил дека тоа ќе стане дел од неговиот живот.
Првиот пат најтежок
Кога првпат зачекорил бос му било најтешко. Излегол ноќе и тргнал низ улиците на родниот Пожаревац. Му било непријатно, се срамел, го криел погледот од другите луѓе или го менувал правецот на движење кога ќе забележел минувачи. Не му било лесно ниту кога првпат излегол дење без обувки, бил нервозен, се препотувал и црвенеел. Денес, десет години подоцна, е многу полесно.
– Сега е лесно и секаде одам бос. Не се грижам што ќе кажат другите – вели Александар Манчиќ.
На почетокот реакциите на минувачите биле различни. Некои се чуделе кога ќе го видат без обувки, некои се смееле, други љубопитно се џареле во него. Меѓутоа, освен зачуденост, многумина мислеле дека со тоа ќе го наруши своето здравје. Сепак, Александар вели дека во медицината не постои податок што укажува дека ваквиот стил на живот го загрозува здравјето на бубрезите, бабулето и простатата и на целиот организам, туку, напротив, на овој начин имунитетот се зајакнува, а циркулацијата се подобрува. Тој вели дека откога оди бос се чувствува подобро, а стекнал и кондиција.
– Кога чекори бос, човекот е посреќен и позадоволен и нема депресивни мисли. Постојано е насмеан – изјави Александар.
За него тоа е веќе секојдневие, бидејќи оди бос од април до октомври, не само во родниот Пожаревац и во други српски градови туку и во странство. Со текот на времето ги поместува границите, па обично носи обувки кога температурата е под минус 10 Целзиусови степени.
Минатиот декември бос по снег и мраз
На овој начин Александар пропатувал низ половина Европа, бил и во Азија, но нема намера да запре. Наредната дестинација му е Африка и се мисли дали прво да го посети Египет, Тунис или Мароко. Главно патува преку туристички агенции, па на сопатниците секогаш одново мора да им објаснува зошто оди бос, бидејќи, како што вели, на почетокот тоа „на сите им е чудно“.
– Странците не обрнуваат внимание дали е некој бос или не, внимание обрнуваат во некои јужни земји, како Турција на пример, иако во Истанбул тоа не му е важно никому. Во Западна Европа и во Русија исто така не го ни забележуваат тоа и никој не ме погледнал со чудење, како ни во Северна Европа. И на Данците и на Швеѓаните тоа им беше нормално – вели тој.
Побараа да се обујам во Музејот на Салвадор Дали
Тој посочува дека единствено во Музејот на Салвадор Дали во Шпанија му побарале да обуе обувки пред да влезе.
– Во „Лувр“ во Париз зависи од обезбедувањето, некои пуштаат, некои не. Така е и во „Ермитаж“. Исто така мора да барам дозвола за стативот што го носам за да се фотографирам. Во „Кремљ“ во Москва не ми дозволија да влезам пред да му го предадам стативот на обезбедувањето. Така беше и во „Аја Софија“ во Истанбул – вели тој.
Од сите земји што ги посетил, најголем впечаток му оставила Русија, можеби затоа што имал девојка од Москва.
– Секако, и претходно сакав да ги посетам Санкт Петербург и Москва. Татко ми ми раскажуваше колку е сѐ грандиозно, впечатливо и полно со уметност. Ми покажуваше фотографии до Санкт Петербург на 3Д-проектор. Москва е огромен град, а „Црвениот плоштад“ е нешто најубаво што сум видел досега – додава Александар.
Во Италија го разочарало местото Чинкве Тере
– Се разочарав кога во Италија го посетив местото Чинкве Тере, ништо не беше како на фотографиите. Таму сите куќи се во различна боја, а во живо сите се исти. Тоа е обичен маркетиншки трик. Јас не сакам измама и илузија. Сепак, местото има своја убавина и повторно би го посетил – раскажува Александар.
Тој за посета ги препорачува: Летонија, Данска, Индија, Кина, Франција и Италија. Сепак, на прво место е Србија.
– Најубава е мојата земја, каде што исто така има голем број места што треба да се посетат. Јас со една туристичка агенција од Смедерево 19 пати посетив интересни локалитети, а исто толку патував и сам. Значи, лани имав триесетина авантури во татковината. Според мене, за домашните туристи задолжителни локации се: Ѓаволска Варош, Пролом Бања, Златибор, Копаоник, Фрушка Гора и Дрвенград. Во нашиот Браничевски округ може да се посетат седум манастири, а има и тврдини, Сребрено Езеро, ридот Врањевац, каде што се наоѓа споменикот на паднатите борци од Првата светска војна и крст висок 30 метри – раскажува Александар Манчиќ.