ТЕНИС – НА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРИТЕ

Организаторите на четирите гранслем-турнири привремено сменија едно од правилата за победа во тениски натпревари. Почнувајќи од Ролан Гарос, годинава т.н. тај-брејк (решавачки гем по нерешен резултат во еден сет) во петтиот сет ќе се игра по нерешениот резултат 6-6 до десеттиот освоен поен (со два поена разлика). Ова правило е воведено за да се намали времетраењето на дуелите.
– Бордот на гранслем планира да го прегледа привременото правило во текот на целата година на гранслем-турнирите, пред да аплицира за каква било трајна промена на правилата – пишува во изјавата во име на сите четири шефа на гранслем-турнирите, пренесе „Би-би-си“.
Досега на Австралија опен се играше со ова правило, на Ролан Гарос немаше тај-брејк во петтиот сет, на Вимблдон почнуваше од 12-12, а на САД опен од 6-6 и се играше до седум освоени поени, пишува „Би-би-си“. Новото правило ќе важи во поединечна конкуренција и во натпреварите во двојки.