Градскиот совет на Хјустон едногласно ја усвои одлуката која го блокира предлогот за отворање на бордел со секс-роботи во нивниот град, пренесуваат американските медиуми.
Канадска компанија која работи со изнајмување на роботите во Торонто, се надеваше да го прошири бизнисот во Хјустон, со што почна и изградба на објект, пред да наиде на проблеми со добивањето на потребната дозвола. Станува збор за компанија што продава и изнајмува човеколики кукли кои чинат преку три илјади долари.
Жителите на градот во Тексас го изразија нивното незадоволство од предлогот за изградба на робоборделот, покренувајќи петиција против бизнисот што собра повеќе од 10 илјади потписи.
– Не влегуваме во вашата спална соба, но не ги носете тие нешта во нашиот град. Тоа не е добар бизнис за нас. Ние не сме градот на гревот – кажа Грег Тревис, членот на градскиот совет на Хјустон.
Забраната за отворање на борделот, сепак, не ја опфаќа и продажбата на куклите во Хјустон.