Тој постигна хет-трик за 17 минути на мечот Реал Мадрид – ПСЖ (3-1), со што „кралевите“ го елиминираа тимот од Париз во осминафиналето и рекорден 37. пат се пласираа во четврт-финалето на ЛШ и на поранешниот Куп на европските шампиони
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Загубивме во првиот натпревар, губевме и на паузата. Враќањето се случи поради нашата ментална сила. Беше многу тешко, но ова беше натпревар од Лигата на шампионите, притискавме до крајот и ја заслуживме победата. Навистина ми е чест што сум дел од овој легендарен клуб, изјави Карим Бензема, кој постигна хет-трик (три гола) за 17 минути игра во второто полувреме (од 61-та до 78-та) на фудбалскиот меч Реал Мадрид – ПСЖ (3-1), со што „кралевите“ го елиминираа тимот од Париз во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ).
Реал Мадрид рекорден 37. пат се пласира во четврт-финалето на ЛШ и на поранешниот Куп на европските шампиони.
– Мора да се признае дека на првиот меч имавме среќа да загубиме само со 0-1, но знаевме дека ќе биде поинаку во Мадрид – рече Бензема, кој влезе во историјата на ЛШ како најстар стрелец на хет-трик, на 34 години и 80 дена.
Бензема по 500-ти пат беше стартер во тимот на Реал Мадрид во сите натпреварувања и е првиот играч што постигнал гол во 18 последователни календарски години во ЛШ, од 2005 до 2022-та. Тој постигна 28 гола (и 12 асистенции) на 33 меча сезонава во сите натпреварувања, вкупно 309 за Реал Мадрид и го надмина легендарниот Алфредо ди Стефано (308) на третото место на клупската листа на најдобри стрелци. Најефикасен е Кристијано Роналдо со 450, а потоа следува Раул со 323 гола. Бензема е втор најдобар стрелец на Реал во ЛШ со 67 гола, еден повеќе од Раул. Пред него е само Роналдо (105 гола).
ПСЖ четврти пат е елиминиран од ЛШ по победа во првиот натпревар. Повеќепати во слична ситуација бил елиминиран само Реал Мадрид, шест пати.
Манчестер сити ремизира со Спортинг во реваншот, 0-0, но благодарение на убедливата победа во првиот меч во Лисабон (5-0) се пласира во четврт-финалето, петта сезона по ред. По речиси шест години, Сити не успеа да постигне гол на домашен натпревар во ЛШ. Претходен пат тоа се случи во полуфиналето против Реал Мадрид во април 2016 година. Фернандињо стана 44-от играч со 100 настапи во ЛШ, четврти Бразилец што одиграл толку натпревари, по Роберто Карлос (120), Дани Алвеш (111) и Марсело (101).
ОСМИНАФИНАЛЕ
Реал М. – ПСЖ 3-1
Вкупно: 3-2
Манчестер сити – Спортинг 0-0
Вкупно: 5-0
Ливерпул – Интер 0-1
Вкупно: 2-1
Баерн – Салцбург 7-1
Вкупно: 8-2
Вторник
Ајакс – Бенфика (2-2)
Манчестер ј. – Атлетико (1-1)
Среда
Јувентус – Вилјареал (1-1)
Лил – Челси (0-2)
во заградата се резултатите од првите мечеви