Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска имаше средба со рускиот лидер Владимир Путин во Москва, соопшти неговиот кабинет – пренесува Си-Ен-Ен.
Според израелски владин претставник, тој со Путин разговарал околу три часа. Ненајавената средба се одржала со благослов на американската администрација – се вели во соопштението на кабинетот на израелскиот премиер.
Израелскиот претставник рече дека дипломатскиот притисок на Бенет бил координиран и со Германија и Франција и додаде дека израелскиот лидер „е во тековен дијалог со Украина“.
„Ерусалим Пост“ објави дека по средбата со Путин, Бенет разговарал и со претседателот на Украина Володомир Зеленски, кого го информирал за дискусијата со рускиот лидер.
Амбасадорот на Украина во Израел изјави за Си-Ен-Ен дека украинското раководство било однапред информирано за средбата на Бенет со Путин и дека дале своја поддршка.
По завршувањето на состанокот во Москва, Бенет сега е на пат за Берлин на средба со германскиот канцелар Олаф Шолц – рече израелскиот претставник.
Пред три дена, Бенет одржа одвоени телефонски разговори и со Путин и со Зеленски. Зеленски апелираше до Израел да посредува во напорите да се постигне прекин на огнот.
Додека Израел ја осуди руската инвазија во коментарите на министерот за надворешни работи Јаир Лапид, самиот Бенет избегна директна критика на Русија или Путин.
Израел се обиде да одржува добри односи со Русија во последниве години за да може да продолжи со воздушните напади врз ирански цели во Сирија – што Израел го смета за критично за да се спречи трансферот на прецизно наведувана ракетна технологија на Хезболах – посочува Си-Ен-Ен.
„Ерусалим Пост“ наведува дека освен за војната во Украина, Путин и Бенет денеска разговарале и за нуклеарните преговори со Иран, ситуацијата во Сирија и билатералните односи.