Фото: Принт-скрин

Украинскиот претседател Владимир Зеленски рано утринава преку видео порака до нацијата даде оптимистичка оценка за војната и ги повика Украинците да продолжат со отпорот, јавија британските медиуми.

-Ние сме нација која една недела ги осуетува плановите на непријателот. Тука нема да имаат мир. Нема да имаат храна – рече Зеленски.

Тој не коментираше дали руските сили зазеле неколку градови, вклучувајќи го и Херсон.

– Доколку отишле некаде, тоа е само привремено. Ќе ги потиснеме, рече Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека борбите влијаеле врз духот на руските војници кои „одат во продавници за храна и се обидуваат да најдат нешто за јадење“.

-Тоа не се борци на велесила. Тоа се збунети деца кои се искористени, рече Зеленски.

Според него, бројот на убиени на руска страна веќе достигна 9.000.

-Украина не сака да биде покриена со тела на војници – изјави украинскиот претседател во утринската видео порака.


Денеска втора рунда преговори меѓу Москва и Киев

Денеска се очекува да се одржи втора рунда преговори меѓу Москва и Киев, фокусирана на прекин на огнот, една недела по руската инвазија врз Украина.

Шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека украинската страна е на пат, јавија руските медиуми.

Како што пренесе ДПА, двете страни се договорија да разговараат во регионот Брест во западна Белорусија, а руската војска планира „безбедносен коридор“ за да ѝ дозволи на украинската делегација да помине.

Украинската страна потврди дека се согласила на разговор, без да прецизира детали.

Украинското Министерство за надворешни работи, сепак, побара од Русија да прогласи прекин на огнот во тешко погодените источни региони на Харков и Суми за да им се овозможи на цивилите да дојдат на безбедна локација.

Првите преговори во понеделникот на белоруско-украинската граница не донесоа опипливи резултати.

Рускија вчера продолжи да ја напаѓа Украина, а утрово имало и неколку експлозии во Киев, по што се огласиле сирени за воздушен напад.

Најмалку осум лица, меѓу кои две деца, загинаа во воздушен напад на источниот украински град Изиум во близина на Харков, јавија локалните медиуми повикувајќи се на информации од локалните власти. Деталите не можат да бидат независно проверени.

Во вториот по големина град Харков, два проектили погодија административна зграда, а наводно е оштетена и катедрала. Нема информации за повредени лица.

Во Коростен, северно од градот Житомир, властите соопштија дека две лица загинале во воздушен напад на голем контролен пункт, а петмина се повредени.