Собранието сѐ уште не го усвои дневниот ред за 64. седница
Во Собранието сè уште не е изгласан дневниот ред за 64. седница, на која се предложени 11 точки. Предлог-одлуката за разрешување на членот на Комисијата за прашања на избори и именувања Фадил Зендели предизвика бурна реакција на опозицијата, која реагираше дека претседателот на Собранието Талат Џафери не го почитува Деловникот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски му забележа на Џафери дека четири минути пред почетокот на седницата, на дневен ред била предложена точката за разрешување на пратеникот од БЕСА од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
– Бидејќи Зендели и БЕСА веќе не се нивни подобен партнер во власта, туку нивни политички противник, пратениците на СДСМ-ДУИ денеска решиле тој повеќе да не биде член на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, оти токму во Комисијата им е потребно мнозинство кое ќе ги аминува нивните штетни политички одлуки – изјави Мицевски.
Тој истакна дека пратениците на СДСМ и ДУИ брзајќи и водејќи се од својата намера по секоја цена да го разрешат пратеникот од Комисијата, направиле „огромна, несфатлива и аматерска грешка“, повикувајќи се на членовите 114 и 118 од Деловникот и членовите 68 и 76 од Уставот.
– Со тие членови од Уставот и Деловникот се уредуваат избор, именување и разрешување на носители на јавни и други функции, како и работните тела на Собранието. Повторувам, членовите 68 и 76 од Уставот и членовите 114 и 118 од Деловникот се однесуваат на избор, именување и разрешување на носители на јавни и други функции – вели Мицевски.
Претседателот на Собранието рече дека во составот на Комисијата треба да се застапени пропорционално политичките партии. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески порача дека парламентарното мнозинство треба да биде пресликано и во работните тела.
– За ова прашање зборуваме веќе три месеци. Процентот не се менува кај ВМРО-ДПМНЕ. Но, она што се менува кај мнозинството треба да се преслика и во Комисијата – рече Митрески.
По низа процедурални забелешки, на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, претседателот на Парламентот даде еден час пауза.