Фото: Принт-скрин Инстаграм

Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски повика Русија да се запре додека во текот на ноќта продолжи гранатирањето на украинските градови, по вчерашниот прв круг мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Зеленски во видеопорака побара и Москва да биде исклучена од Советот на ОН каде што е постојана членка со право на вето. Тој ја повика меѓународната заедница да размисли за целосно блокирање на воздушниот простор за руските ракети, авиони и хеликоптери.

Украинскиот претседател, исто така, рече дека Украина сè уште не го постигнала посакуваниот резултат во вчерашните мировни преговори меѓу украинската и руската делегација.

– Русија ги презентираше своите позиции, ние дадовме контрааргументи за да се стави крај на војната. Штом делегацијата ќе се врати во Киев, официјалните лица ќе ги анализираат позициите и ќе одлучат како да се продолжи во вториот круг преговори – објасни Зеленски.

Двете страни идентификуваа голем број главни прашања за кои требаше да се донесат „одредени одлуки“, изјави за новинарите советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак по состанокот, кој траеше околу шест часа.

Повеќе од 100 цивили веќе загинаа во руската војна во Украина, додека повеќе од 300 случајни минувачи се повредени, соопшти канцеларијата на високиот комесар за човекови права Мишел Бачелет. Меѓу загинатите има најмалку седум деца.

Украинската Влада соопшти дека бројот на цивилни жртви досега изнесува повеќе од 150, додека Русија ја отфрли идејата дека нејзините трупи кои напредуваат претставуваат закана за цивилите, пренесува ДПА.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш претходно изјави дека има „веродостојни извештаи за станбени згради, критична цивилна инфраструктура и други невоени цели кои претрпеле голема штета“, нарекувајќи ги смртните случаи меѓу цивилите „целосно неприфатливи“.

Зеленски, исто така, го окарактеризира гранатирањето на источниот украински град Харков како воено злосторство.


Москва: Сите кои испорачуваат оружје за Украина ќе сносат одговорност

Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека сите оние кои испорачале смртоносно оружје во Украина ќе одговараат доколку се употреби за време на руската воена операција во земјата.

Министерството додаде дека чекорите што ги презема Европската унија против Русија нема да останат без одговор.

Речиси сите европски земји најавија помош за Украина во оружје. Последната помош, по неутралната Финска, синоќа ја соопшти Норвешка, која уште од 1950 година се придржува до политиката да не испорачува оружје на земји кои не се членки на НАТО, се наоѓаат во војна или се загрозени од вооружени конфликти.

Норвешка ќе донира до 2.000 фрлачи на противтенковски ракети М72, се наведува во соопштението на владата.

-Норвешка има строга политика во однос на извозот на воена опрема, но Украина сега се соочува со вонредни околности, изјави премиерот Јонас Гар Стоере.


Украина го предаде барањето за членство во ЕУ

Амбасадорот на Украина во Кралството Холандија, Всеволод Ченцов, утринава соопшти дека го доставил барањето на Украина за членство во ЕУ до Филип Леглис Бонс, постојан претставник на Франција во ЕУ, земјата која во овие шест месеци претседава со Советот на ЕУ.

„Апликацијата е поднесена. Процесот е почнат“, напиша Ченцов на Твитер.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вчера го потпиша барањето за членство на Украина во Европската унија, изјави заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Сибига.