Советот за безбедност на Обединетите нации вечерва ја почна седницата на која се гласа за нацрт-резолуција со која се осудува Русија за инвазијата врз Украина и од неа се бара веднаш и безусловно да се повлече од соседната земја. Но, овој обид може да пропадне поради руското право на вето.
Како што пренесоа британските медиуми, резолуцијата, предложена од САД, се очекува во следните денови да биде разгледана од 193-членото Генерално собрание на ОН, изјави вчера висок, но анонимен, претставник на американската администрација,
Иако се очекува Русија да стави вето на резолуцијата, Вашингтон и неговите сојузници го гледаат ова гласање како шанса да покажат дека Москва е изолирана поради нејзините постапки.
Дипломатите велат дека најмалку 11 членки на СБ на ОН се очекува да гласаат „за“ резолуцијата, додека сè уште не е познато како ќе се изјаснат Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен токму на оваа тема вчера разговараше со колегите од Индија и ОАЕ, соопшти Стејт департментот.
Нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност ја осудува руската агресија врз Украина и повикува на „итно, целосно и безусловно повлекување на сите нејзини воени сили“ и на признавањето на самопрогласените републики во источна Украина.
Текстот ја потврдува „заложбата на Советот за безбедност на ОН за суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.
Русија е една од петте членки на Советот за безбедност со право на вето, заедно со САД, Кина, Франција и Велика Британија.
Се очекува Советот за безбедност на ОН да ја повтори ситуацијата од 2014 година откако Русија го накетира Крим, а кога резолуцијата, предложена од САД, беше поддржана од 13 членки, додека Кина беше воздржана, а Русија стави вето, наведуваат британските медиуми.