Грција

Министрите за цивилна заштита и правда на Грција, како и заменик-министерот за спорт, вчера одржаа заедничка прес-конференција на која ги соопштија законските измени со кои државата сака да му стави крај на насилството на трибините на спортските борилишта, но и насекаде каде што навивачките групи и хулиганите прават нереди. За таа цел се подготвени измени во Кривичниот законик, измени во Законот за спорт, построги и повисоки казни до пет години затвор, забрана за изрекување условна казна за хулиганство, зголемени контроли од полицијата, привремено затворање на сите навивачки клубови во земјата, но и нивна поголема контрола. Ова се само дел од мерките за справување со насилството на навивачките групи и хулиганите во Грција што беа соопштени на прес-конференцијата.
Ваквите заострени мерки доаѓаат по последното убиство во Солун што ја потресе грчката јавност, кога на почетокот на месецов 19-годишно момче беше до смрт претепано и прободено со нож во близината на стадионот на неговиот омилен клуб Арис, откако група хулигани, навивачи на ривалскиот ПАОК, по прашањата за кого навиваат крвнички ги нападнале момчето и неколку негови другари, кои завршија во болница.
Министерот за цивилна заштита надлежен за полицијата Такис Теодорикакос рече дека иако хулиганството е „глобално зло и не е карактеристично само за грчките стадиони“, сепак сите мора да ги здружат силите во битката: Владата, политичките партии, спортските фактори, тимовите, спортистите, граѓанското општество и локалната власт. Тој откри дека до вчера полицијата направила 575 контроли и затворила 67 здруженија на хулигани во целата држава, со уапсени 17 лица, и додаде дека полицијата ќе продолжи со проверките, а паралелно ќе се спроведе програма за обука на полицајците врз основа на европските стандарди за превенција и третман на малолетничка деликвенција, „бидејќи малолетниците најчесто се жртви на хулиганство“.