Александар Стојков во рамки на велосипедската трка „Вера тур 2022“ ќе вози со велосипед 2.500 километри низ републиките на поранешна СФР Југославија. Стојков е организатор на трката која е во чест на неговата покојна мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од пандемијата ковид-19.
– Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, Александар не беше во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија – велат организаторите на настанот.
Предвидена е посета со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, местото на кое загина претседателот Борис Трајковски со екипажот, новозавршената Македонска црква во Загреб, како и сите природни убавини на 6-те држави по должина на рутата.
Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе на 21 март и ќе се вози низ 5 поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 5 април.
Турата ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.
– Оваа тура ќе биде порака до сите, дека кога нешто се сака, едноставно нема пречки тоа да се оствари, туку треба само да се работи, да се мисли, да се биде посветен и упорен. Да се знае да се формира тим и да се поделат одговорностите и привилегиите. Во текот на турата ги респектираме сите села, градови и држави кои ги минуваме, ги почитуваме различностите, меѓутоа се претставуваме и во форма на тоа што сме, од каде сме и кои сме – порачаа организаторите на настанот.