Фото: Пиксабеј

Научниците следеа три нови коронавируси слични на САРС-КоВ-2, кои, како што велат, би можеле да заразат човечки клетки и да ја поткрепат теоријата дека ковид-19 има животинско потекло

Светот веќе трета година е во пандемијата на ковид-19, но потеклото на оваа болест, која, според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, усмрти 5,8 милиони луѓе, и понатаму останува мистерија. Научниците следеа три нови коронавируси слични на САРС-КоВ-2, кои, како што велат тие, би можеле да заразат човечки клетки и да ја поткрепат теоријата за тоа дека ковид-19 има животинско потекло, пренесуваат светските медиуми.

Студија објавена во научното списание „Нејчр“ излезе со резултати од истражувањето спроведено од научници од Националниот универзитет во Лаос, Институтот „Пастер ди Лаос“, како и Универзитетот во Париз. Според ова истражување, новите вируси именувани како БАНАЛ-103, БАНАЛ-236 и БАНАЛ-52, биле откриени кај лилјаци во северен Лаос и поседуваат геномски сличности со САРС-КоВ-2 – коронавирусот кој предизвика глобална пандемија пред околу три години.

Понатаму, студијата истакнува дека новите коронавируси покажуваат специфични сличности во најважниот домен – шилестиот протеин, кој овозможува врзување на вирусот за човечките клетки.

Марк Елиот, раководител на лабораторијата за откривање патогени при Институтот Пастер, истакна дека присуството на овие вируси кај лилјаците ја поткрепува теоријата дека САРС-КоВ-2 може да потекнува од лилјаци што живеат на огромните висорамнини на полуостровот Индокина, кој се протега низ териториите на Лаос, Виетнам и Кина.

Тој додаде дека резултатите на неговите колеги ја сугерираат можноста и други сродни вируси да претставуваат ризик за човековото здравје. Научната заедница не е единствена во однос на прашањето за потеклото на новиот коронавирус.

Оваа студија доаѓа во време кога светските научници сè уште се расправаат околу потеклото на ковид-19. Некои од нив се држат до теоријата дека САРС-КоВ-2 потекнува од лилјаци, а потоа се префрлил на животно – посредник (најверојатно панголин) и продолжил да заразува луѓе. Една друга теорија сугерира дека пандемијата започнала заради „бегање“ на вирусот од лабораторија во кинескиот град Вухан, каде –
некаде кон самиот крај на 2019 година – беа пријавени првите случаи на
болеста.

Откако минатата година СЗО испрати своја мисија за утврдување на фактите во Вухан, беше изнесен заклучок дека истекувањето од лабораторија е „малку веројатно“, а експертите на СЗО имплицираат дека вирусот се пренел на луѓето преку животни кои можеби консумирале лилјаци.

Во текот на 2021 година, американската разузнавачка служба му достави на претседателот Џо Бајден извештај за потеклото на новиот коронавирус, но сепак не можеше со сигурност да утврди дали вирусот се пренел од животно на човек по пат на природен процес, или пак потекнува од кинеска лабораторија. Што се однесува до Кина, таа повеќепати досега ги демантираше теориите за лабораториско истекување на вирусот.

Превод: Валбурга Батева