Украинската сага за војна и мир
Очите на целата светска јавност сѐ уште се вперени кон актерите и драмата што со право го потресува светот, бидејќи ако се остварат најцрните сценарија, тогаш навистина човештвото има зошто да се загрижи. Во Украина денес дури и најситниот инцидент може да резултира со сериозни последици, па токму затоа сите здраворазумски авторитети повикуваат на мирна разврска на проблемот. Укажувањата одат во правец на тоа дека историјата нѐ учи дека секој воен конфликт од оние најбезначајните до најголемите и најразурнувачките, секогаш завршувал на зелената, на преговарачката маса. Апелот е овој пат на преговарачката маса да се седне пред каков било конфликт да се случи, ако е веќе ситуацијата толку тензична. Подобро да се преговара сега, пред што било лошо да се случи, отколку да дојде до несакан развој на настаните, за на крајот повторно да се седне на зелената маса.
Војна, па војна
За жал, како што се одвиваат работите, поттикнувачи и потпалувачи има повеќе отколку што има луѓе што повикуваат на мир, на разумна разврска. Украинскиот претседател Володомир Зеленски преку фејсбук-видео се обрати до украинскиот народ и му откри дека, според неговите сознанија, Русија ќе изврши напад врз земјата в среда. „Големи луѓе на голема земја! Нашата земја се соочуваше со сериозни надворешни и внатрешни предизвици, кои бараат одговорност, доверба и конкретни активности од мене и секој од нас. Ни се заканува голема војна и датумот на воената инвазија е уште еднаш одреден. Ова не е првпат. Но нашата држава денес е посилна од кога било. Ние се залагаме за мир и сакаме сите прашања да ги решаваме исклучиво преку преговори. И Донбас и Крим ќе се вратат во Украина. Само на дипломатски начин. Ние не гледаме во другите, но не го даваме своето. Имаме неверојатна армија. Нашите момци имаат уникатно борбено искуство и модерно оружје. Ова е посилна армија од пред осум години. Ние сме уверени во нашите оружени сили и нашата армија треба да ја почувствува нашата поддршка, нашето единство. Основата на нашата армија е довербата во сопствениот народ и силната економија“, рече Зеленски во видеото на Фејсбук.
Обраќајќи се понатаму, тој додаде дека им било кажано дека 16 февруари ќе биде денот на нападот.
„Ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот. Но ние од тој ден ќе направиме ден на единството. Указот е веќе потпишан. Попладнево ќе закачиме национални знамиња, ќе ставиме сини и жолти ленти и ќе му покажеме на светот нашето единство. Имаме една голема европска аспирација. Сакаме слобода и подготвени сме да гласаме за неа. 14.000 бранители и цивили што загинаа во оваа војна нѐ гледаат од небо. И нема да ги изневериме“, порача Зеленски.
Во исто време, НАТО најавува дека ќе ја разгледа можноста за испраќање нови војници во Југоисточна Европа. Со оглед на тоа што состанокот на НАТО се одржува, додека САД предупредуваат на можноста од руски напад врз Украина, дипломати за „Ројтерс“ изјавија дека министрите најверојатно ќе се договорат за првиот чекор, со наредба на командантите да подготват детален план за четирите копнени сили.
„Ова ќе ни овозможи да ескалираме, но и да деескалираме, доколку Русија ја повлече својата војска“, рече висок дипломат на НАТО, нагласувајќи дека овие нови борбени групи ќе значат дополнителни сили, со неодамнешните понуди од Велика Британија, САД и други за испраќање бродови и авиони за зајакнување на источното крило на НАТО.
Украина не е членка на НАТО и Алијансата нема обврска да ја брани. Зајакнувањето на силите на Црно Море би покажало одлучност во стратегиски важен регион и земји, како Унгарија и Словачка, кои граничат со Украина. Овој потег ќе биде најголемата промена на НАТО во позицијата на силите откако беа формирани борбени групи за засилено напредно присуство во Естонија, Литванија, Летонија и Полска како одговор на руското присуство на Крим во 2014 година. Секое распоредување би било спротивно на барањата на Москва, Алијансата да ги повлече своите сили од Источна Европа.
Во меѓувреме, продолжуваат активностите за испраќање помош на Украина. Канада најави дека ќе ѝ достави оружје на Украина во вредност од над шест милиони долари.
„Оваа опрема вклучува митралези, пиштоли, карабини, 1,5 милион парчиња муниција, снајперски пушки и различна придружна опрема“, се вели во соопштението за испраќање помош. Канадскиот премиер Џастин Трудо претходно изјави дека официјална Отава одлучила да ѝ обезбеди на Украина оружје во вредност од 7,8 милиони канадски долари (6,1 милиони американски долари). Според него, одлуката е донесена по консултации со Украина.
Соединетите Американски Држави ѝ понудија на Украина заем од една милијарда долари за помош на економијата на земјата во време кога Русија врши воен притисок со собирање војници, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.
„Оваа понуда ќе ја зајакне способноста на Украина да обезбеди економска стабилност, раст и просперитет на својот народ во светло на дестабилизирачкото однесување на Русија“, рече Блинкен.
Истовремено, европратениците ја одобрија одлуката на Советот на ЕУ за обезбедување нов пакет макрофинансиска помош од 1,2 милијарда евра за Украина.
„Унијата ќе обезбеди макроекономска помош до 1,2 милијарда евра, која ќе биде достапна за поддршка на макроекономската стабилизација и програмата за сеопфатни реформи во Украина“, се вели во документот, усвоен од европратениците. Се забележува дека „оваа помош ќе биде обезбедена во форма на заеми“ и „ќе служи за покривање на платниот биланс на Украина, како што е наведено во програмата на Меѓународниот монетарен фонд.“ Откако ќе биде одобрена одлуката на ЕП, парите ќе бидат префрлен на Киев во две транши од 600 милиони евра за 12 месеци.
Јањатов: Најважно е да не дојде до крвопролевање, и онака сѐ ќе заврши со мировен договор
Еден од најдобрите познавачи на состојбите во регионот зафатен со актуелната криза е, секако, долгогодишниот дипломат Драган Јањатов, кој има свое видување на ова прашање.
– Многу ми е жал што воопшто дојде до ваква ситуација, до создавање воена психоза, па ако е точна информацијата што ја добив пред малку, дека дури и децата почнале да ги обучуваат како да се однесуваат во ваква ситуација, тогаш е тоа навистина нонсенс. Во целост се согласувам дека каков и да биде натамошниот развој на ситуацијата, на крајот сите инволвирани ќе мора да седнат на заедничка маса и да изнајдат некакво мирно решение. Токму затоа, верувам дека ќе надвладее разумот и дека нема да дојде до некаков непосакуван развој на настаните – вели Јањатов.
Искусниот дипломат го коментираше и соопштението на руското министерството за одбрана, дека иако продолжуваат воените вежби во голем дел од земјата, некои единици на Јужниот и на Западниот воен округ се враќаат во своите постојани бази откако ги завршиле задачите.
– Моето мислење е дека Путин ја постигна целта и сега може полека да ги повлекува единиците што беа распоредени за вежбовни активности. Според мене, тоа е добар знак дека нема да дојде до ескалација на состојбата, но, ќе повторам, целта е постигната. Испратена е силна порака дека Русија нема да дозволи влез на НАТО во Украина и дека нема никогаш да се откаже од Крим. По ова верувам дека и Столтенберг ќе размисли какви ќе бидат нивните следни чекори. Веројатно ќе ја стивнат антируската реторика и ќе укинат дел од санкциите, бидејќи се увиде дека тие не можат да постигнат поголем ефект, а од друга страна им виси над глава сопирањето на рускиот гас и нафта, што може да биде навистина сериозен проблем, кој не може да се реши во краток рок – додава Јањатов.