Владата на Република Македонија вечерва ја доби довербата од пратениците. Четириесет гласови „за“ недоверба на Владата беа од опозицијата, 62 пратеника од владејачкото мнозинство гласаа „против“ недоверба, а воздржани беа двајца пратеници – од БЕСА и од Алијанса за Албанците.
Дванаесетчасовната расправа за интерпелација ја иницираше ВМРО-ДПМНЕ која за оваа седница го прекина бојкотот и се врати во Парламентот.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред гласањето рече дека внимателно ја следел денешната седница за да слушне забелешки но, рече, не слушнал аргументи.
Истакна дека Владата наследила тотален колапс, долг од 280 милиони евра, последици од владеење кои биле закани по системот на институциите.
– Исправени бевме пред неопходноста од темелни реформи и преобразба, рехабилитација на општеството и државата, а за тоа е неопходно време и вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенирира од внатре, не може да се случи однадвор – порача Заев.
Апелираше на инклузивност и конструктирвност во спроведување на реформите за Република Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ, со достоинствен живот за сите граѓани и да биде едно општество за сите.