Откако Клоп стана менаџер на Ливерпул во 2015-та, успешните трансфер-зделки се во постојан раст, на што им завидуваат тимовите од Премиер-лигата, но и од Европа. Зимскиот трансфер на Луис Дијаз и лани на Диого Жота се покажаа како вистински погодоци
ФУДБАЛ – ЛИВЕРПУЛ
Тимот за регрутирање, односно за трансфери на Ливерпул изгледа како повторно да ја погоди целта. Станува збор за јануарското засилување од Порто, за Колумбиецот Луис Дијаз, чие деби во Премиер-лигата на мечот против Лестер (2-0), менаџерот Јирген Клоп го опиша како „еден од најдобрите први натпревари што ги видел од некој играч“, пишува весникот „Телеграф“.
Во меѓувреме, ланското засилување, Португалецот Диого Жота, ја потврди својата класа со двата гола, вкупно 17 сезонава.
Откако Клоп стана менаџер на Ливерпул во 2015-та, успешните трансфер-зделки се во постојан раст, на што им завидува добар дел од тимовите од Премиер-лигата, но и од Европа, без разлика дали станува збор за рекордниот договор на клубот од 75 милиони фунти за Вирџил ван Дајк или за слободниот трансфер на Жоел Матип. Тоа е далеку од деновите на претходникот на Клоп, Брендан Роџерс, кога т.н. „трансфер-комитет“ беше исмеван за трошењето пари на Марио Балотели или на Кристијан Бентеке. Поради тие лоши трансфери во описот на тимот на Ливерпул задолжен за купување играчи беше исфрлен зборот „комитет“.
– Паметни луѓе на вистинските позиции. Имаме брилијантни луѓе што даваат навистина добри предлози, а и ние како тренери даваме добри предлози. Досега најчесто го наоѓавме вистинското решение за тимот – резимира Клоп.
Но има повеќе во тоа, се разбира. Онаму каде што пред Клоп се чинеше дека има недоверба меѓу ресорите, сега постои кохезија. Процесот на регрутирање, односно трансфер-гуруата на Ливерпул, како што ги нарекуваат, го водат Мајк Гордон, претседател на Фенвеј спорт групацијата (ФСГ), Мајкл Едвардс, спортскиот директор, Џулијан Вард, неговиот помошник што наскоро ќе го замени, Бери Хантер, главниот скаут, шефот за скаути Дејв Фолоус и Клоп.
Штом некој играч ќе го привлече вниманието на Клоп, на неговите тренери или на скаутите за таленти, Гордон поднесува извештај дали играчот е достапен и дали цената е во согласност со клупската стратегија. Ако е така, Хантер и Фолоус прават извештај, нарачуваат темелна анализа на податоци, ги нудат сите позитивни и негативни повратни информации и обезбедуваат видеоснимки. Клоп, нормално, е информиран за сите детали, и колку повеќе скаутски извештаи се бараат и се добиваат за еден играч, тој сѐ повеќе се убедува.
– Ако треба да размислиме за тоа по петти пат, можеби играчот ќе замине во друг клуб. Трансферите се многу емотивна работа за надворешниот свет, а многу пресметана за нас. Навивачите размислуваат за тоа со срце, а ние треба да размислуваме со глава. Што ни треба сега? Што ни треба утре? Тоа е трансфер-бизнис и не е толку лесно. Станува збор и за времето. Јас сум 100 отсто сигурен дека една година подоцна Жота ќе имаше понуди и од други врвни клубови. Слично е и со Мохамед Салах. Ако играше уште една сезона во Рома на ист начин, тогаш веројатно ќе имаше други заинтересирани клубови за него – истакнува Клоп.
Клоп, исто така, ја чувствува тежината на одговорноста за да се осигури дека го минимизира финансискиот ризик. За разлика од оние клубови со неограничени ресурси, Ливерпул не може да си дозволи грешки.
– Нема никаква тајна, ситуацијата во овој клуб е таква што ние не смееме да си дозволиме да ангажираме играч за 40 или за 50 милиони фунти и потоа, ако тој не игра, да кажеме, во ред е, не е важно. Ние не „пливаме во пари“, како што велиме во Германија. Ова е богат клуб, нема проблеми, но политиката е јасна, го трошиме тоа што го заработуваме. Ако заработуваме повеќе, можеме да трошиме повеќе, ако заработуваме помалку, трошиме помалку – вели Клоп.
Договорите со Дијаз и со Жота го следеа истиот образец како и со претходните трансфери, кога работата се завршуваше тивко, во тајност. Единственото колебање беше околу првичната сума од 60 милиони фунти. Откако таа падна на 37 милиони фунти, Ливерпул притисна на „педалот за гас“.
– Не е дека Алисон Бекер не беше скап. Но мислам дека денес секој би рекол: „Да, тоа е најниската цена што би ја платил за него кога би знаел колку е добар“. Истото тоа важи и за Вирџил, ги доведовме Фабињо, Наби Кеита, Садио Мане, Салах, многу играчи. Имавме и неколку неверојатни слободни трансфери, со Џејмс Милнер и со Матип. Донесовме вистински таленти, како Ендрју Робертсон. Тоа е мешавина од сè – објаснува Клоп.