НАТО ја разгледува можноста за зголемено воено присуство во балтичките земји и Полска во случај Русија да ги задржи своите трупи во Белорусија по планираната воена вежба, изјави денеска шефот на Воениот комитет на Алијансата, адмирал Роб Бауер.
– Можно е натамошно распоредување на сојузничките сили на НАТО – изјави Роб Бауер, холандскиот адмирал на чело на највисокото стратешко тело на НАТО.
Во Белорусија, северниот сосед на Украина, Русија распореди 30.000 војници овој месец поради заеднички воени вежби, така што вкупниот број руски војници на границите на Украина во моментов е повеќе од 100.000.
– Размислуваме каде постојано имаме војници во различни нации – разговараме за ова, што резултира со актуелните потези. Може да има некои промени во иднина, а тие ќе бидат резултат на овој развој, рече Бауер на прес-конференција во Вилнус. – Сè во голема мера зависи, се разбира, од тоа дали руските трупи, кои сега се во Белорусија, ќе останат таму – додаде тој, пренесува ДПА.
Москва соопшти дека не планира инвазија на Украина, но може да преземе одредена воена акција доколку нејзините безбедносни барања не бидат исполнети.
– Ако обрнете внимание на трупањето на воените сили, Русија всушност би можела да има доволно војници за сериозна инвазија до крајот на овој месец, но не знаеме дали тие имаат вистинска намера да го сторат тоа, рече Бауер.
– Како дел од последното распоредување на воени сили на границата со Белорусија, гледаме и изградба на полски болници, како и други помошни објекти потребни за поддршка во случај на воен напад – рече Бауер.
– Ако навистина размислувате за инвазија, всушност ви треба повеќе од воени сили. А ние гледаме се повеќе такви работи долж границите со Украина и на границата меѓу Белорусија и Украина, што само по себе е многу загрижувачко – тој рече.
Бауер истакна дека на мобилизацијата на руските сили во Белорусија треба да се гледа како „комбинација на можности“ од воена гледна точка.