Северна Кореја продолжува да ги развива своите нуклеарни и балистички програми, вклучително и нејзиниот капацитет за производство на компоненти за нуклеарни механизми, и со тоа ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на Обединети нации, се наведува во извештајот на ОН.
Во резимето на извештајот се посочува дека Пјонгјанг минатиот месец забрзано работел на испитување и тестирање на нови ракети со краток, а можеби и среден дострел, при што беа користени балистички технологии, технологии за таргетирање, како и цврсти и течни горива.
Според експертите новите тестирани технологии вклучуваат хиперсонични боеви глави и ракета-носач. Северна Кореја продолжува да бара материјали, технологија и научни и технички знаења за овие програми во странство, вклучително и преку кибер алатки и заедничко истражување
– Северна Кореја покажа зголемена способност за брзо распоредување, висока мобилност (вклучително и преку вода) и подобрено маневрирање на нејзините ракетни сили – се истакнува во извештајот.
Пред една година, експертската група наведе дека Северна Кореја го надградила своето нуклеарно оружје и балистички ракети, игнорирајќи ги санкциите на ОН, користејќи кибер напади како помош за финансирањето на нејзините програми.