Проблем е кога удирате по човекот што зборува, а игнорирате што зборува, кажа поранешниот министер и вицепремиер Никола Димитров во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“, осврнувајќи се на критиките кон него.
– Тоа што луѓето малку се занимаваат со тоа што го зборував, а многу со мене, потврдува дека моите предупредувања и стравување во однос на маката со Бугарија се оправдани – вели Димитров.
Тој смета дека нападите против него биле диригирани од еден или два партиски центри.
– Луѓето кои ме носеа по митинзи, небаре бев рок-ѕвезда, сега ме напаѓаат со дрва и камења. Јас сум истиот човек, ги имам истите гледања и ставови, ништо не е сменето. Логично е да кажам кога не се согласувам со нешто – истакна Димитров.