Истражувачки тим на нашиот весник направи споредбена анализа за тоа какви и колкави се ефектите од забраната за продажба на пластични ќеси, која е во сила веќе два месецa. Се консултиравме со повеќе соговорници од надлежните институции, трговските друштва, невладиниот сектор и еколошките здруженија, при што дојдовме до интересни согледувања
ДВА МЕСЕЦА ПО ПРИМЕНАТА НА НОВИОТ ЗАКОН
Два месеца откако стапи во сила законот за забрана на употреба на пластични ќеси во Македонија, државата месечно инкасира по 235 илјади евра, а истовремено за десет пати е намалена употребата на пластични ќеси. Но екологистите предупредуваат дека иако е подобрена состојбата со пластичните ќеси, на површина се појавил нов тренд во кој ќесите што сега чинат 15 денари на пазарите и маркетите се заменети со лесни ќеси без рачки за еднократна употреба, кои се бесплатни.
Според Министерството за животната средина и просторно планирање, откако на 1 декември 2021 година стапи во сила законот со кој се забранува нивната употреба, државата само во декември собрала 235 илјади евра од продажбата на пластични ќеси, кои сега чинат 15 денари.
Оттаму објаснуваат дека средствата ќе одат во еколошкиот фонд.
– Надоместокот од 15 денари за биоразградливи ќеси мора да се евидентира и пренесе во посебен фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање – објаснуваат оттаму.
Министерот за животна средина Насер Нуредини додава дека следен чекор е да се направи план за какви еколошки проекти ќе се вложат овие пари.
– Чекавме да видиме колкави ќе бидат тие средства – вели министерот.
Тој е задоволен од резултатите и потенцира дека граѓаните сѐ повеќе пазарат со платнени торби и додаде дека знаат оти во одредени маркети и продавници не се почитува законот и дека ќе има инспекции.
Нов тренд на ќеси без рачки
Од друга страна, пак, Снежана Василевска од иницијативата „Стоп за пластичните ќеси“ во изјава за „Нова Македонија“ вели дека иако состојбите се подобрени на терен два месеци по стапувањето во сила на законот, на површина излегува нова појава поврзана со масовната употреба на лесните ќеси без рачки.
– Во моментов водиме битка со државните институции и бараме помош од Пазарната инспекција за подобра акција во анулирањето на новиот тренд што е активен по пазарите и во големите и малите маркети. Имено, цената од 15 денари ги мотивира граѓаните да носат торби кога пазарат, но трговците најдоа начин да делат лесни и тенки пластични ќеси без рачки, кои не ги опфаќа законот и на тој начин да им ги продаваат производите на муштериите – вели Василевска.
Таа напоменува дека сумата што се собира во Министерството е одлична, но треба да помине барем една година од носењето на законот за да се изврши темелен пресек на состојбите и да се види на кој начин државата ќе ги употреби собраните средства за подобрување на екологијата.
– Ако по два месеца направам некаков пресек на состојбите, би рекла дека новиот закон на терен ги подобри околностите за 90 проценти, бидејќи во практика навистина е намалена употребата на ќесите од 15 денари, но верувам дека нам ни престои и друга долга битка за подобрување на еколошката состојба во Македонија со загадувањето од пластичен отпад – вели таа.
Следна битка е со пластичните чаши и амбалажата за храна
Василевска вели дека новите правила се половични и непотполни и поради тоа што од забраната се изземени пластичните ќеси со адитиви наречени оксоразградливи ќеси, за полесно да ѝ се продадат на јавноста како „еколошки“.
Таа навестува дека по чести средби со другите организации, следната голема битка што ќе се води во јавноста е можноста за минимизирање и исфрлање од употреба на пластичната амбалажа за пакување овошје и зеленчук, пластичните шишиња и чашите, па дури и пластичните сламки за пиење.
Граѓанскиот еколошки активист Дејан Поповски вели дека два месеца од стапување на законот во сила е премногу мал период за да се направи квалитетен пресек на состојбите со пластичниот отпад.
– Но она што може да се истакне, иако состојбите не се перфектни, е дека работите на терен се размрдани во вистинскиот правец. Во Македонија годишно се пуштаат во оптек пет илјади тони пластични ќеси, а секој жител користеше минимум по две ќеси на дневно ниво до стапувањето во сила на законот. Со наметнувањето да се користат платнени торби, главна цел е спречување на отпадот, спречување тој да заврши на депониите. Сепак, она што недостига ако сакаме да го оцениме овој еколошки чекор за успешен е мерењето на резултатите од рециклирањето на отпадот што е тесно поврзан со пластичните ќеси. Ова е решение што не се постигнува за еден ден. Следните политики на државата треба да бидат насочени во овој правец, бидејќи ако правилно се разградува отпадот преку рециклирање, ние нема да ги загадуваме почвата, подземните води и, генерално, животната средина – истакнува екоактивистот.
Какви се европските искуства
Во врска со актуелните случувања, за обележување е дека во Европа се случуваат слични процеси како и во Македонија. Франција годинава за првпат ќе ги анализира ефектите на законот што го усвои лани, со кој се забрани користењето на поголемиот дел од пластичната амбалажа за продавање и пакување прехранбени производи, како и пластичните вреќички за чај, конфетите и пластичните играчки. Во Германија лани се забрани и употребата на полистиренски садови за храна. Во Луксембург е забрането да се продаваат предмети за еднократна употреба на фестивалите, а во Грција нивната употреба е забранета дури и во владините агенции, што е прва забрана од таков вид во нашиот регион. Во некои земји, како Италија и Белгија, во моментов во парламентите се активни полемики дали треба да се воведе данок или доплата за пластичните производи, за да ја дестимулираат нивната употреба во трговијата.