Ќе има зголемување на минималната плата, но тоа треба да се направи низ економско-социјален дијалог со сите засегнати страни и во консултација со синдикатите и со работодавачите, порача премиерот Димитар Ковачевски.
– Веќе денеска на оваа тема има средби на претставници на Министерството за труд и социјална политика и други ресорни министерства, заедно со вицепремиерот за економски прашања со претставници на синдикатите. Тоа е прашање кое се решава низ економско-социјалниот дијалог – истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот смета дека при покачувањето треба да се имаат предвид и ставовите на синдикатите, но и работодавачите и на стопанските комори.
В среда е закажан економско-социјалниот совет на кој ќе се одлучува за барањата на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски во изјава за медиумите, порача ќе биде организиран штрајк, а не се исклучени и други можности на протест, доколку задутре не бидат исполнети нивните барања.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи по работната средба со претставници на Сојузот на синдикати, нагласи дека Владата ќе остане конструктивен социјален партнер, кој ќе охрабрува дебата и дискусија за сите важни прашања во општеството, како што е несомнено висината на минималната плата, и притоа најави дека веќе в среда од 15 часот, е закажана седница на економско-социјалниот совет на која ќе продолжи дискусијата помеѓу сите три засегнати социјални страни, на која главна точка на дневниот ред ќе биде токму висината на минималната плата.