На Алжир му се повтори истото сценарио како и по првата титула во 1990 година, кога исто така беше елиминиран во 1992 година, уште по првата рунда од Брегот на Слоновата Коска (0-3), кои на крајот и го освоија трофејот
ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИ НА АФРИКА
Актуелниот шампион на Африка, Алжир, загуби во третото коло во групната фаза, од Брегот на Слоновата Коска (1-3), по што прерано ги заврши натпреварите на 33-то издание на Купот на нациите што се одржува во Камерун (9 јануари – 6 февруари). На Алжир му се повтори истото сценарио како и по освојувањето на првата титула во 1990 година. Алжирците на следниот финален турнир во 1992 година, исто така, беа елиминирани уште по првата рунда натпревари, по поразот од Брегот на Слоновата Коска (0-3), кои на крајот и го освоија трофејот.
Еден од најинтересните дуели во осминафиналната нокаут-фаза ќе биде меѓу седумкратниот првак Египет и двократниот Брегот на Слоновата Коска. Во двата тима има повеќе екстра-квалитетни играчи, Мохамед Салах и Мохамед Елнени кај „фараоните“, предводени од селекторот, Португалецот Карлос Киерош, односно Николас Пепе, Вилфрид Заха, Максвел Корне и други во спротивниот табор.
Нигерија го потврди статусот како еден од фаворитите, со тоа што е единствената што се квалификува во нокаут-фазата со стоотстотен ефект во групната фаза, со само еден примен гол на трите меча. Нивни ривал утре ќе им биде Тунис. Камерун се надева дека ќе ја искористи домашната предност. „Нескротливите лавови“ се непоразени во главниот град од 1988 година и ќе бидат фаворити за продолжување на тој рекорд во дуелот со Коморите, четвртата најмала земја во Африка, која ја победи Гана (3-2) во последниот натпревар во групата. Сенегал без пораз ја мина групната фаза, но на два меча ремизира, и тоа без голови, а против Зимбабве победи со 1-0.
Во нокаут-фазата за првпат од 2012 година е и Габон, откако заврши на второто место во групата Ц, зад Мароко. Но на „пантерите“ ќе им недостига напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, кој се врати во својот клуб заради здравствени контроли.
Осминафинале, двојки
Утре: Буркина Фасо – Габон; Нигерија –
Тунис
Понеделник: Гвинеја – Гамбија; Камерун – Коморски Острови
Вторник: Сенегал – Зеленортски Острови, Мароко – Малави
Среда: Брегот на Слоновата Коска – Египет; Мали – Екваторијална Гвинеја