Словенија
Словенечките здравствени власти соопштија вчера дека во земјата се потврдени 10.288 нови заразени со коронавирус во изминатите 24 часа. Иако бројката е исклучително висока, таа е сепак помала од завчерашниот рекорд, од над 12.000 случаи. Надлежните проценуваат дека ситуацијата е тешка, но е под контрола, со предвидувања дека врвот на овој бран ќе биде во првата недела од февруари.
Во меѓувреме, лекарите во Словенија се незадоволни од својата позиција и платите, имаат синдром на „прегорување“ од работа по речиси две години од пандемијата на ковид-19, а многу млади лекари размислуваат да заминат во странство. Ова го покажаа истражувањата и анкетите спроведени меѓу лекарите, а кои на прес-конференција во Љубљана ги презентира Лекарската комора на Словенија. Според претседателката на Комората, Бојана Беовиќ, речиси една третина од младите лекари размислуваат да заминат во странство, каде што платите и условите се подобри, а околу половина од сите лекари размислуваат да го напуштат јавното здравство, било во странство или во приватна ординација.
На конференцијата, лекарите особено предупредија на преоптоварувањето на примарното јавно здравство и проблемите на матичните лекари, поради што интересот за оваа специјализација речиси исчезна, како и ниските плати на лекарите на почетокот на нивната кариера.