Претседателот Џафери искажа уверување дека потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година претставува значаен напредок во историјата на односите на двете држави и со тоа се потврдува заложбата за меѓусебно почитување и разбирање
Претседателот на Собранието Талат Џафери, оствари средба со премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Претседателот Џафери изрази особено задоволство од денешната средба која е меѓу првите во надворешно – политичка агенда на премиерот на Република Бугарија, со што се покажува отвореност и спремност за внесување на нови, свежи текови во политиката кон соседните земји.
Тој ги нагласи напорите на државата за градење на добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, при што подвлече дека за нашата земја е од суштинско значење подобрувањето на билатералните односи со Република Бугарија.
Претседателот Џафери искажа уверување дека потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година претставува значаен напредок во историјата на односите на двете држави и со тоа се потврдува заложбата за меѓусебно почитување и разбирање. Тој претставува добра основа за унапредување на соработката меѓу двете земји и изрази очекување соработката во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува.
Во однос на меѓусебната парламентарна соработка, претседателот на Собранието искажа дека е потребно таа соработка да продолжи и да се динамизира преку повеќе контакти, како на највисоко ниво така и преку соработка на ниво на парламентарните работни тела и пратеничките групи за соработка.
Во иднина, мора да се посвети поголемо внимание и интерес на подоброто инфраструктурно поврзување меѓу двете земји преку Коридорот 8 и тоа пред сé, на патното, железничкото, енергетското и дигиталното поврзување, што ќе овозможи унапредување на бизнис соработката меѓу двете земји и поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал. Коридорот 8 ќе го поврзе Црното со Јадранското море, со што ќе се надмине регионалниот контекст и ќе се овозможи поголемо влијание на регионот на светско ниво.
Во однос на отпочнувањето на преговорите за членство во Европската унија, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција, Претседателот Џафери истакна дека тоа е од исклучително значење за земјата и според него, членството на Република Северна Македонија ќе биде во интерес на сите земји од балканскиот регион, особено за Бугарија.
Премиерот Петков, пак, искажа големо задоволство од посетата и од сите денешни средби и разговори што имал можност да ги оствари. Информираше дека веќе се договорени владините работни групи и се очекува тие да имаат работни средби барем еднаш месечно. Очекува наскоро да се воспостави авионската линија Скопје-Софија, со што ќе се овозможи подобра комуникација меѓу граѓаните од двете држави.
Истакна дека на балканскиот регион живеат околу 65 милиони жители и во едни поинакви околности, без бариери, со добри меѓусоседски односи, бизнис релациите би се унапредиле и за целиот регион би се создала една подобра слика во светски рамки. Ја поддржа иницијативата за динамизирање на парламентарната соработка и смета дека во најскоро време треба да се остварат посети на највисоко парламентарно ниво.
Република Бугарија вистински ќе биде дел од Европската унија кога и останатите земји од регионот ќе се приклучат на ЕУ и само тогаш ќе се почувствуваат сите придобивки од членството во Унијата.