Нега и убавина
Дека шминката може да направи чуда на нашето лице досега многупати сме се увериле. Но многу често забораваме дека и шминката има свој рок на траење. Препаратите со истечен рок може да бидат опасни за нашето лице, па затоа треба да обрнете особено внимание.
Пудра: најмногу внимание треба да им се обрне на препаратите што ги нанесуваме на целото лице, а тоа, секако, е пудрата. И самата текстура може да покаже дека ѝ истекол рокот. Ако забележите дека состојките почнале да се одвојуваат или ако течноста е водена на врвот на шишенцето, тоа е знак дека веќе не е за користење. Тоа најчесто се случува една година по отворањето, а некои пудри имаат и пократок рок на траење.
Маскара: главно трае шест месеци, а подоцна почнуваат на неа да се создаваат бактерии. Бидејќи ја ставаме на очите, кои се особено чувствително подрачје, се препорачува да ја менуваме почесто.
Кармин: еден од омилените препарати на секоја жена може да трае меѓу 12 и 18 месеци, а ако е поквалитетен, и две години. Ставањето стар кармин на усните може да предизвика создавање црвенило, алергија, па дури и херпес.
Туш за очи: може да се користи од три месеци до три години. Течниот е направен слично на маскарата, па затоа така треба и да се чува, а оној како молив може да се чува подолго.