Фото: Игор Бансколиев

Вкупно 114 земји и територии ќе ги прикажуваат натпреварите од ЕП 2022, што значи дека шампионатот може да биде најгледаниот во историјата, надминувајќи ја кумулативната публика од 1,65 милијарда гледачи, за ЕП 2016, пишува Европската ракометна федерација

РАКОМЕТ

Натпреварите на 15-то Европско првенство (ЕП), кои од вчера се играат во Словачка и во Унгарија, ќе бидат прикажани пред глобалната публика, откако радиодифузери од целиот свет се обврзаа да ја прикажуваат драмата во петте града каде што ќе се играат натпреварите на ЕП 2022 за ракометари, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница.
Првите мечеви од вкупно 65-те средби на годинашното континентално првенство се играа синоќа, меѓу нив и дуелот помеѓу репрезентациите на Македонија и на Словенија, во првото коло на групата А. Вкупно 114 земји и територии во светот ќе ги прикажуваат натпреварите, што значи дека шампионатот е на пат да биде најгледаниот во историјата, надминувајќи ја кумулативната публика од 1,65 милијарда гледачи, забележана на Европското првенство во 2016 година, а интересот за натпреварувањето оди подалеку од репрезентациите што учествуваат на ЕП 2022, натпреварите се емитуваат и во Азија, Северна Америка, Јужна Америка и во Океанија, како и на ЕХФ-ТВ, пишува ЕХФ.
– Уште еднаш нашето водечко натпреварување има силна поддршка од радиодифузерите, кои ќе ни помогнат да го шириме ракометот надалеку во следните три недели. Се подразбира дека со нетрпение очекуваме да видиме висок квалитет на телевизиска продукција, што ќе одговара на нивото на игра на теренот – изјави генералниот секретар на Европската ракометна федерација, Мартин Хауслајтнер, пренесе ЕХФ.