ЕП, исто така, може да се одржува на две години. Во Европа има отпор затоа што таму секоја недела има „светско првенство“ во лигите со најдобрите играчи од светот. Но тоа не е случај за остатокот од светот, тоа е еден месец во годината и треба да најдеме начин вистински да го вклучиме целиот свет во фудбалот, изјави Инфантино
ФУДБАЛ – ЏАНИ ИНФАНТИНО, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИФА
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, предлага и европските првенства (ЕП) да се одржуваат на две години. Тој вели дека ЕП, што сега се игра секои четири години, исто така, би можело да се случува почесто доколку потегот за светски првенства (СП) на две години биде успешен.
– ЕП, исто така, може да се одржува на две години. Во Европа има отпор затоа што таму секоја недела има „светско првенство“ во лигите со најдобрите играчи од светот. Но тоа не е случај за остатокот од светот, тоа е еден месец во годината и треба да најдеме начин вистински да го вклучиме целиот свет во фудбалот – изјави Инфантино за италијанската станица Радио Анкио.
Инфантино додаде дека притисокот за СП на две години „не е моја идеја, туку на ФИФА. Студија за оправданост побараа 166 нации“.
– Пресумциите се јасни, 88 отсто од земјите, вклучувајќи го и мнозинството од Европа, побараа студија што од спортска гледна точка ни кажува дека светското првенство на две години би функционирало. Ќе има помалку меѓународни натпревари, но со поголемо влијание – рече Инфантино.
На „глобалниот самит“ на лидерите на националните фудбалски федерации, Инфантино рече дека верува оти има доволно гласови за да ја зголеми фреквенцијата на играње на СП од четири на две години. За тоа има противење од европските клубови, од врвните лиги и од Европската фудбалска унија (УЕФА), чиј претседател, Александер Чеферин, се закани дека ќе го бојкотира.