Рускиот Врховен суд денеска нареди затворање на најстарата и најпозната невладина организација за човекови права во земјата, по обвинувањата дека ја искривувала историјата за време на истрагата за злосторства извршени во сталинистичкиот режим.
Организацијата „Меморијал интернешнал“, една од најистакнатите невладини организации во земјата, е обвинета врз онснова на контроверзните закони за невладини организации кои бараат здруженијата финансирани од странство да го означат целиот свој материјал како „странски“.
Обвинителот Алексеј Жафјаров пред Врховниот суд изјави дека „Меморијал интернешнл“ ја искривува историјата.
– Очигледно е деја „Меморијал“ создава лажна слика за СССР како терористичка држава. Ние, кои сме потомци на победниците во Втората светска војна, треба да внимаваме на обидите за рехабилитација на предавниците на татковината и нацистичките соработници – рече денеска Жафјаров, додавајќи дека на списокот на жртви на сталинистичката репресија што го составил „Меморијал интернешнал“ има и како што рече, нацистички престапници кои на своите раце имаат крв на советски граѓани.
Обвинителите пред судот тврдеа дека организацијата ја крие вистинската улога на странските агенти и се обидува да влијае на владината политика и јавното мислење.
„Меморијал“ е најстарата невладина организација за човекови права во Русија. Основана е во 1987 година, четири години пред распадот на Советскиот Сојуз. Сега се состои од два оддела – „Меморијал интернешнал“, кој се занимава со злосторствата од советската ера и „Меморијал хјуман рајтс“, кој се занимава со политичките затвореници во современа Русија. Вториот оддел често зборува во корист на Алексеј Навални и другите политички противници на претседателот Владимир Путин.