На овие партиски избори учествуваа тројца кандидати: Фросина Ременски, Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски. Иако во мај годинава Заев беше реизбран за партиски лидер со нов четиригодишен мандат и тогаш немаше противкандидати, на 31 октомври, по објавувањето на резултатите од локалните избори, тој ја најави својата оставка како од премиерската функција, така и од лидерската во партијата

СДСМ по вторпат на непосредни избори избираше партиски лидер

Четириесетина дена по локалните избори, и СДСМ на вонредни партиски изброи одлучуваше за новиот лидер на партијата, кој треба да ја преземе претседателската функција од Зоран Заев. Иако во мај годинава Заев беше реизбран за партиски лидер со нов четиригодишен мандат и тогаш немаше противкандидати, на 31 октомври, по објавувањето на резултатите од локалните избори, тој ја најави својата оставка како од премиерската функција, така и од лидерската во партијата. На овие партиски избори учествуваа тројца кандидати: Фросина Ременски, Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски.
Постапката за избор на претседател на партијата кај Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој воведе измени во својот статут, предвидува таа да се спроведува со непосредно гласање на сите членови на партијата. Така, по вторпат, педесетина илјади члена на актуелната владејачка партија вчера имаа можност на 194 избирачки места во општинските организации на СДСМ да гласаат непосредно за избор на новиот претседател на партијата. Централната партиска изборна комисија во своето соопштение пред одржувањето на изборите наведе дека поради краткиот временски рок за активна регистрација, донела одлука да им се овозможи на сите членови што поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори. Резултатите од гласањето за избор на нов претседател на партијата се очекуваа за доцна синоќа.
Тројцата кандидати и досегашниот лидер, Зоран Заев, уште во претпладневните часови го искористија своето право на глас, а до 14 часот беше регистриран одзив од 47 отсто.
Според најавите, новиот лидер на СДСМ треба да ја преземе и премиерската функција од Зоран Заев, по што ќе следува реконструкција на Владата, во која треба да се имплементираат и новите договори со коалициските партнери.


Иако конгресот имаше и изборен карактер, со оглед дека на него беше кандидиран само досегашниот претседател, Христијан Мицкоски, беше јасно дека изборната постапка е пред сѐ во смисла на изразување поддршка од делегатите на конгресот за целите и програмата што ги има поставено за вториот мандат

ВМРО-ДПМНЕ: Реизбор на лидерот
и поддршка за целите и програмата за вториот мандат

Спроведен во класичен формат, со делегатски собир во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, конгресот на ВМРО-ДПМНЕ беше повеќе фокусиран на манифестирање единство во партијата и посветеност во исполнување на целите поставени во новата партиска доктрина. Иако конгресот имаше и изборен карактер, со оглед дека на него беше кандидиран само досегашниот претседател, Христијан Мицкоски, беше јасно дека изборната постапка е пред сѐ во смисла на изразување поддршка од делегатите на конгресот за целите и програмата што ги има поставено за вториот мандат. Мотото на 17-от конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, „Нова генерација, за нова иднина“, доминираше на видеобимот во салата, а според еден од креаторите на новата доктрина на партијата, Марјан Ѓорчев, тоа е изразено и во неа.
Подготовката се базираше на идеолошките премиси од сите досегашни конгреси, како и во согласност со новото време – рече Ѓорчев на конгресот претставувајќи ја доктрината.
Во работното тело што ја креирало доктрината, покрај Марјан Ѓорчев, учествувале и Ѓорѓија Сајковски, Рашела Мизрахи, Илија Димовски и Стефан Андоновски. Доктрината е фокусирана на решенија за 16 теми што го засегаат македонското општество, меѓу кои и за тоа како граѓаните да останат во државава, а се нудат нови решенија за образованието… Според високи функционери на партијата, новиот концепт „опфаќа цел спектар на гледишта, кои се и десно, центар-десно и на центарот… за сите што се против криминал и корупција, а за подобар животен стандард и економија, да се видат себе во новата доктрина“.
Во согласност со статутот на партијата, реизборот на претседателот беше извршен со гласање на делегатите на конгресот. Правото на глас го искористија 518 делегати.