Турција

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, назначи нов министер за финансии откако Лутфи Елван поднесе оставка поради загриженоста од инфлацијата во земјата, падот на лирата, но и неортодоксните економски политики на Владата. Како што информираат медиумите, разрешувањето функционери од страна на турскиот претседател укажува на продлабочување на јазот во администрацијата поради инсистирањето на Ердоган за намалување на каматните стапки за граѓаните во време на инфлација, што може да биде високоризично за земјата пред изборите во 2023 година.
Љутфи Елван, кој се смета за последен од економските експерти во кабинетот на турскиот лидер, деновиве поради несогласување со Ердоган наводно побарал тој да биде разрешен од неговите должности, објави „Фајненшл тајмс“, истакнувајќи дека оставката дојде откако Турската централна банка најави враќање на контроверзните интервентни политики врз валутата во обид да се забави падот на лирата и покрај ограничените девизни резерви. Инаку, лирата изгуби речиси 40 отсто од својата вредност од почетокот на септември, бидејќи Ердоган, како што истакнува лондонскиот весник, е вечен противник на високите каматни стапки. Тој неколкупати ја притискаше Централната банка да ги намали каматите, намалувајќи ја референтната стапка на 15 проценти и покрај годишната инфлација од речиси 20 проценти. Тој пристап ги поттикна предупредувањата на економистите дека Владата ризикува брза инфлација и финансиска нестабилност.