Властите во Њу Делхи наредија училиштата и колеџите да бидат затворени на неодредено време, откако Врховниот суд ја критикуваше одлуката на градската администрација за отворање образовни институции, иако воздухот е „со многу слаб квалитет“.
Администрацијата на главниот град на Индија минатата недела одлучи да ги отвори училиштата и факултетите откако тие институции беа затворени поради зголеменото загадување на воздухот.
Врховниот суд, кој доби јавна претставка за неможноста на градските власти да го спречат загадувањето на воздухот, изрази негодување поради повторното отворање на училиштата и факултетите.
Забраната за градежни работи и влез во градот за камиони со дизел мотори кои превезуваат несуштинска стока ќе остане на сила, изјави Гопал Раи, градски министер за животна средина, шуми и развој на дивиот свет.
Раи ги повика граѓаните да користат јавен превоз. Властите во Њу Делхи изнајмија дополнителни 700 автобуси со природен гас за да ги поттикнат луѓето да го користат системот за јавен превоз.
Функционерот додаде дека ќе се интензивира примената на мерките за намалување на количеството прашина, како прскање вода од противпожарни возила.
Сè повеќе деца во Њу Делхи завршуваат во болници поради отежнато дишење, што ја зголемува грижата кај родителите.