Староста на трибунот (3)

Признавам дека ме збунуваше, дури малку ме иритираше, трибунската нагласена потреба, и покрај силниот општествен и политички ангажман, да создава во сите книжевни жанрови – романи, драми, есеи, раскази, патописи, полемики, писма…, таа креативна плодност, кога ќе се префрлеше и во поезијата, како кај Иго (или кај Гете, Крлежа…), исто така ми се чинеше неумерена. Често со извонредни, восхитувачки остварувања, но понекогаш и со очигледни вредносни осцилации. Виталната креативна енергија на Трибунот е натчовечка, а тоа, се чини, му овозможува да создаде не само импресивен опус, туку во таа многубројна продукција, и книжевни ремек-дела. Иго е најголем писател на францускиот романтизам, но неговите драми, меѓу кои и „Ернани“, од која потекна либретото за познатата Вердиева опера, или „Кромвел“, со предговорот што е инспиративен манифест на романтизмот, ја изгубија битката со времето. Кај Сартр, пак, временското решето, иако само четири децении по неговата смрт, веќе ги издвојува драмите „Валкани раце“, „Ѓаволот и Господ Бог“, автобиографските „Зборови“, романот „Мачнина“ како подобри во однос на преостанатото негово дело.
Трибунот не може да биде скромен, и кога е одмерен и кога се чини дека е скромен. Тој многу е свесен за својата важност, за славата што го следи во животот. Тој никогаш не станува Трибун против својата волја. Сосема се ретки спротивните примери, како на пример на Чеслав Милош во времето на Солидарност, кој на констатацијата на новинарката (во книгата интервјуа „Разговори во Париз“ на Бранка Богавац) „вие сте божество во Полска“, одговара: „Таа улога е многу тешка и таа е апсолутно надвор од мојата волја. Себеси се сметав за херметичен поет и во секој случај за една мала елита, а настаните од мене направија симбол“. Но на тој „херметичен“ поет, студентите му ги шверцуваа збирките, кои потоа јавно се читаа на големите протестни собири во Полска.
Омиленоста на Трибунот меѓу студентите и интелигенцијата е неоспорно поддржувачка, но често неговата популарност во народот е за неколкупати посилна од онаа кон другите значајни автори, современици на Трибунот. Во случаите на Иго и на Сартр, тоа е повеќе од очевидно.
Но, и покрај тој натчовечки ефект што ја издвојува неговата позиција на надмоќна социјална и книжевна присутност, Трибунот е сепак… човек. И тој старее. Како влијае стареењето на Трибунот, како реагира тој на сопственото стареење, на неминовното про(ис)текување на времето?

(продолжува)