Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика Европската комисија да ги суспендира сите процедури што би можеле да ги поткопаат активностите на земјите-членки насочени кон заштита на територијалниот интегритет.
Во писмо испратено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, премиерот на Унгарија предупреди на ситуацијата што се развива на источните граници на ЕУ посочувајќи дека дебатата меѓу ЕК и Унгарија остава неодговорени некои клучни прашања.
Орбан посочи дека во сегашната вонредна ситуација, која ги загрозува безбедноста и територијалниот интегритет на блокот на ЕУ, земјите членки не може да бидат оспорени и казнети затоа што применуваат одржливи и пропорционални решенија за кризата што им се заканува на сите.
Унгарскиот премиер потсети дека во заклучоците од 21 и 22 октомври Европскиот совет ја повика ЕК да предложи промени на неоперативната и застарена правна рамка на ЕУ и да им овозможи на земјите членки да подготват соодветен одговор за бегалците и миграциските прашања.
– Можеби сите би можеле да се согласиме дека сегашната правна рамка не обезбедува соодветни правни средства што земјите членки на ЕУ изложени на притисок би можеле да ги применат во кризни ситуации – истакна Орбан.