Во последните години македонската градежна оператива сѐ помалку е присутна на странските пазари. Во 2010 година вредноста на извршените градежни работи изнесувала 2,4 милијарди денари, додека во 2020 година изнесувала 162,7 милиони денари. Најмногу од градежните работи во странство во изминатата декада биле извршени во Германија, Украина и во Босна и Херцеговина, укажуваат инволвираните
Опаѓа учеството на градежната фела на
странските пазари
Потребен е стратегиски пристап со кој би се подобриле можностите и условите за македонските градежни компании да ги зголемат присуството и обемот на работа во странство, што, пак, би придонело и за препознатливост на компаниите на меѓународно поле. Последниве години домашните градежни компании го намалуваат учеството на странските пазари, па обемот на работа во другите земји е во постојан пад. Состојбата, според упатените, е резултат на повеќе фактори, но укажуваат дека истата таа би можела да се подобри со развојна стратегија за учество на странски пазари за градежните компании.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари – јуни 2021 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 144.863 илјади денари и има намалување од 17,6 отсто во споредба со истиот период минатата година. Податоците покажуваат дека најмногу од договорените градежни работи се за Германија, по што следуваат Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Србија.
Претставниците на градежниот сектор посочуваат дека и покрај високите референции што ги имаат стекнато нашите компании, сѐ помалку се присутни на пазарите надвор од земјава.
– Домашните градежни претпријатија имаат стекнато високи референции за проектирање и за изведување инвестициски работи во земјите на Блискиот Исток, Русија, Украина, Албанија, Бугарија, Германија, Чешка, Србија, Црна Гора и други земји. Но во последните години македонската градежна оператива сѐ помалку е присутна на странските пазари. Речиси и да нема поголеми градежни проекти во странство на кои работат македонските градежни компании, а статистичките податоци покажуваат значително намален обем на извршени работи на странските пазари. Така, во 2010 година вредноста на извршените градежни работи изнесувала 2,4 милијарди денари, додека во 2020 година изнесувала 162,7 милиони денари. Најмногу од градежните работи во странство во изминатата декада биле извршени во Германија, Украина и во Босна и Херцеговина. Домашната оператива речиси и да не е присутна на некогашниот југословенски пазар. Извршените градежни работи во 2020 година во Србија изнесувале 363 илјади денари, во Косово 28 милиони денари, а во Хрватска и во Словенија не се регистрирани извршени градежни работи. Намален е и обемот на извршени градежни работи во Босна и Херцеговина, што се должи на завршувањето на некои поголеми капитални проекти на кои работеа домашните компании – укажуваат претставниците на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.
Од комората додаваат дека за зголемување на учеството на домашните градежни компании и поттикнување на градежните активности во странство, потребно е државата да ги дефинира како долгорочни заложбите и да креира развојна стратегија за настап на странски пазари. Според нив, на тој начин ќе се креираат услови што ќе овозможат компаниите да стекнуваат искуство и референции на домашни градежни проекти, кои се потребни за бидат конкурентни за реализирање странски градежни проекти.
– Предуслов за учество на странските пазари е градежните компании да имаат развиени капацитети и референции, кои е потребно претходно да ги стекнат на домашниот пазар, за да може да излезат на странскиот пазар. Тоа бара долгорочна стратегија, пристап што ќе се фокусира на развојната компонента на бизнисот и добра регулатива што ќе овозможи сузбивање на нелојалната конкуренција. Одредени држави од опкружувањето имаат воспоставено механизми со кои овозможуваат развој и надградување на домашните компании преку реализација на капитални проекти во сопствената држава и на тој начин тие компании стануваат конкурентни за реализација на капиталните проекти на странските пазари – објаснуваат од здружението.
Оттаму потенцираат дека во нашата држава успешните градежни компании се соочуваат со проблеми поврзани со примената на прописите за јавните набавки.
– Кога се во прашање постапки за доделување договори за јавни набавки за реализација на проекти со заеми од странски донатори се случува при утврдување на критериумите за доделување на договорите да не се води сметка за капацитетите и референциите што ги имаат домашните компании, поради што истите тие најчесто се сметаат за „неконкурентни“ и може да работат само како подизведувачи на странски компании. Од друга страна, за другите распишани тендери, успешните градежни компании се сметаат за „преконкурентни“ поради тоа што во овие постапки најчесто преовладува критериумот најниска цена и договорите за јавни набавки им се доделуваат на компании што нудат најниски цени за реализација на проектите, кои во голем број случаи се нереални и претставуваат нелојална конкуренција на пазарот. Сето тоа подоцна се одразува на можноста за стекнување на референциите што се потребни за странските пазари – прецизираат од комората.
Од здружението сметаат дека прашањето за поголемо учество на домашната оператива на странскиот пазар заслужува стратегиски пристап, а работата на градежните компании во странство несомнено би придонела за поголем развој, препознатливост и афирмирање на македонското градежништво на меѓународно поле и стекнување искуство што компаниите би го пренеле на домашниот пазар.
Претставници на фелата додаваат дека од година на година учеството на домашните градежници на странските пазари постојано се намалува, за што укажуваат дека има повеќе причини, меѓу кои се и високите банкарски гаранции, но и недостигот од квалификуван кадар.
– Значително е намален обемот на работа во странство, има неколку фирми што сѐ уште работат и надвор од Македонија. Некои од причините, според моите сознанија, се поради високите банкарски гаранции што треба да ги обезбедат градежните компании, но и вадење дозволи за работа и други услови што компаниите тешко ги исполнуваат, најмногу поради фактот што кај нас сега доминираат помали фирми. Од друга страна, голем проблем е што веќе немаме ниту компетентни луѓе со капацитет да истуркаат поголеми или посериозни проекти. Најголем дел од квалификуваниот работен кадар замина во поразвиените земји – посочи градежникот Никола Велковски.