ЕУ засега нема намера (а тоа најверојатно ќе остане подолго) да се ангажира како што го прават тоа САД, со воена посветеност кон регионот. Но она со што ЕУ почна да си игра сѐ уште не е јасно дали е добро и докрај испланирано. Сакајќи да ја анулира зависноста на полупроводници и проблемот со микрочиповите, кои имаат сериозна примена во голем дел од европската индустрија (на пример, автомобилската и транспортната), ЕУ започна планиран и намерен маневар кон зајакнување на соработката со Тајван за сметка на односите со Кина
Во екот на интензивирањето на геостратегискиот натпревар, замрзнатите конфликти стануваат опасност. Тоа, покрај другото, и е поради фактот што смената на констелацијата на односите или рамката под кои услови е замрзнат конфликтот од страна на силите што ја креирале е под сериозен предизвик.
Сепак, изместувањето, а со тоа и вжештувањето на констелацијата на односите помеѓу Тајван и Кина, се интензивира веќе извесен период, со што Кина покажува дека истрајноста и чекањето на вистинскиот момент сепак се причината поради која одредени тривијални, барем за нив, работи треба да го почекаат своето време да созреат за да бидат решени. Прашањето за односите помеѓу Кина и Тајван е многу повеќе од само билатерален спор. Тоа е спор што може да прерасне во конфликт, со потенцијал да ги надмине регионалните ефекти. Глобалната поврзаност и меѓусебна зависност, присуството на Кина во регионот, особено во патната и друга инфраструктура, интересот на САД и на ЕУ, а со тоа и нивните приоритети, се причините што овој конфликт го ставаат во фокусот и кај нас.
Од почетокот на октомври оваа година, Кина направи уште еден маневар, со што уште повеќе ја растегна трпеливоста на Западот, кој, пак, има своја логика за присуството во регионот и ставање под контрола на Џинот што расте и пркоси. Имено, Кина од 1 октомври распореди 150 борбени авиони, меѓу кои и офанзивни ловци и нуклеарно вооружени бомбардери, кои се во зоната на противвоздушниот систем на границата на Тајван. Во тој контекст, пред десет дена Европскиот парламент усвои резолуција со која ја подвлече значајноста на развојот на настаните во регионот за ЕУ, особено поради тоа што земја-членка (како што веќе пишував пред неколку броја), Франција, има свои територии и околу 1,8 милион жители. Кон ова треба да се додаде и отворената изјава на кинескиот претседател Си, кој јавно ја истакна намерата „за реобединување на Тајван по мирен пат“. Истовремено, тој истакна дека најголема пречка за тоа е сегашната влада на Тајван, предводена од Тајванските сили за независност.
Она што е од посебно значење за нас е позицијата на ЕУ. Тоа е битно бидејќи, како и за сѐ друго, поради нашата определба на јавноста треба да ѝ биде кристално чисто за можните импликации и солидарноста што ќе мораме да ја покажеме ако дојде до ситуација што народски би се рекло „падни-стани“. Ескалацијата на односите е значајна за ЕУ бидејќи може да има сериозни последици по Унијата, а дел од тоа да нѐ зафати и нас. Она што загрижува, како и за сѐ, е што ЕУ пак – доцни. Доцнеше и задоцни во Југославија, во Украина, а по сѐ изгледа доцни и овде. Ако се знае моќта на декларацијата на Европскиот парламент во извршност, исто така декларацијата е уште една од т.н. памфлет-реакции преку еродираниот капацитет на „меката моќ“, за којашто до душа ЕУ сѐ уште сонува и смета дека е сериозен „ас“ со кој може да влијае.
Конфликтот што станува сѐ поизвесен околу Тајванскиот Теснец е нешто што сериозно ќе ја стресе Европа поради економски, но и воени причини. Економски Тајван е значаен за ЕУ, без дилема. Економската размена до 2019 г. се искачи на 48 милијарди евра. Но суштината за оние што ја познаваат логиката на пазарот во оваа размена има многу повеќе, особено во доменот на репроматеријалите или „придружните“ производи што се неопходни за целосен продукт – полупроводниците и производството на едни од најквалитетните микрочипови неопходни за голем дел од електронската индустрија.
Од друга страна, Кина е најголем трговски партнер на ЕУ од оваа година, преземајќи ја таа улога од САД. Порастот на извозот е зголемен за 2,2 отсто во однос на минатата година, додека увозот пак е зголемен за 5,6 отсто. За сметка на тоа, извозот со САД паднал за 8,2 отсто, а увозот се намалил за 13,2 отсто.
Но, како што често нагласувам, оние што се занимаваат со геополитика знаат дека економската логика и ранливост на ЕУ се погубни за Унијата, проблемот е многу повеќе од само економски. Тоа безбедносно ќе значи сериозен проблем за ЕУ, која засега во голема мера Унијата е стратегиски независна само на хартија. Во практика, безбедноста во најголема мера зависи од посветеноста на САД да ја поддржат одбраната во Европа.
Но конфликтот во Тајванскиот Теснец ќе ги пренасочи приоритетите кон Индо-Пацификот. Имајќи предвид дека еден ваков ангажман нема да се сведе на една дивизија и уште неколку сегменти (состави како во Глобалната војна против тероризмот), тоа би значело дека САД ќе мора да алоцираат значителна група вооружени капацитети и системи за тој дел од светот.
Реакцијата на ЕУ засега продолжува преку дипломатија и дејство со мека моќ додека гради капацитети. ЕУ засега нема намера (а тоа најверојатно ќе остане подолго) да се ангажира како што тоа го прават САД, со воена посветеност кон регионот. Но она со што ЕУ почна да си игра сѐ уште не е јасно дали е добро и докрај испланирано. Сакајќи да ја анулира зависноста на полупроводници и проблемот со микрочиповите, кои имаат сериозна примена во голем дел од европската индустрија (на пример, автомобилската и транспортната), ЕУ започна планиран и намерен маневар кон зајакнување на соработката со Тајван за сметка на односите со Кина.
Во таа насока, низа земји-членки започнаа и ги интензивираа односите со Тајван. Прва беше Литванија, која ги продлабочи дипломатските односи со Тајван и повлече нога. Дополнително, тивката или прикриена посета на Џосев Ву, министер за надворешни работи на Тајван, на Брисел (иако официјално средбата била неформална) и „турнејата“ заедно со Кунг Минг-Хсин, највисокиот економски претставник на Тајван, на Прага и Братислава само по себе зборува за серијата дипломатски напори што ги прави ЕУ за да пристапи посериозно кон проблемот. Некои од европарламентарците, Белгијката Елс ван Хоф и Швеѓанецот Чарли Веимер, храбро „твитнаа“ за средбата, и покрај претходната реакција на Пекинг за санкции против европарламентарците како реципроцитет на санкциите што ЕУ ги наметна поради Унгуј. При посетата, меѓу другото, е разговарано за отворање канал за градење на капацитетите во Литванија и уште неколку други држави, за зајакнување на автономијата на Унијата преку развивање „фарми“ за производство полупроводници и микрочипови. Со тоа, а претходно и со комплицирањето со 5Г-технологијата на почетокот на оваа година, ЕУ сериозно ризикува да загуби дел од економската бенефиција што ја има со Кина. Тоа, впрочем, јасно ѝ беше ставено на знаење на Чешка, укажувајќи дека приемот на официјални тајвански претставници е малициозна провокација за Кина. За ЕУ сето ова има и поинакво значење – егзистенцијално, кое е над ова – функционалното и економското. Соработката на ЕУ со Тајван е преку призмата на медијатор и бафер. Важноста за ЕУ во безбедносен контекст произлегува и што ЕУ за првпат има стратегија за Индо-Пацификот (иако Германија, Холандија и Франција имаат посебна стратегија за таа приказна, што е проблем за друга дебата).
Засега се чини дека ЕУ ги одигра првите потези. На ред е Кина. Имајќи предвид дека Литванија е стратегиски избрана да истрча како преден тркач, заради малите последици што може да ги има од кинеската реакција, можеби на кратки патеки и е решение, ама за нешто повеќе ЕУ треба да биде подготвена да жртвува многу. Тоа, барем засега, не е толку ветувачко.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.