Независната кандидатка Данела Арсовска прогласи победа во Скопје. Таа им се заблагодари на скопјани, за кои кажа дека ја препознале човечноста наспроти црната кампања која се водела против неа. Рече дека веќе од утре ќе почне со работа, за остварување на сите ветени проекти.
– Голема благодарност за довербата и поддршката за визијата за поубаво, помодерно Скопје. Не можам да изразам зборови колку ми значи тоа што сите вие скопјани ја поддржавте мојата визија и што пред се одбравте да верувате во човечноста, што истакнавте дека сте против црните кампањи и што ми ја дадовте довербата следните четири години да го водам Скопје и да бидам ваш човек во градот – рече Арсовска.
Таа кажа дека вечерва ќе слави, а веќе од утре ќе работи бидејќи има многу проекти кои мора веднаш да се реализираат, во првите 82 дена.
– Мој противник не беше само стариот градоначалник туку и премиерот во заминување. Скопје за првпат по 70 години има жена за градоначалник. Морам да ја истакнам благодарноста за семејството, пријателите и сите скопјани кои ме бодреа сите денови, кои кажаа дека и покрај црната кампања треба да продолжиме напред. Сега имаме шанса од првиот ден, посветено да работиме, Скопје да го направиме град на среќни луѓе – додаде таа.
Шилегов ѝ ја честита победата на Арсовска
Досегашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ѝ честита на Данела Арсовска за изборот. Тој упати благодарност до сите граѓани, до сите активисти, благодарност до семејството и екипите кои работеле четири години за Скопје.
– Ние ќе бидеме и понатаму тука, нема да дозволиме силувања на градот како во минатото. Мислам дека успеавме да го вратиме Скопје од правец од кој враќање назад ќе нема – рече Шилегов