Влезот на Западен Балкан во Европската Унија се чини дека е привремено замрзнат, но ако регионот не може да се приклучи на Унијата, тогаш ЕУ, со важна, опиплива соработка и инвестиции од заеднички интерес и придобивки, нека дојде веднаш на Западен Балкан, изјави албанскиот премиер Еди Рама.
Рама ова го изјави во интервју за бриселскиот сајт „Политико“ и посочи дека Европската Унија може да воспостави механизам за соработка, особено во дигиталната и зелената трансформација, што ефективно би создало заемна корист со отворање на вратата за членство, без зголемување на незадоволството од оние земји во ЕУ кои се против влезот на Западен Балкан.
Албанскиот премиер посочи дека иницијативата „Отворен Балкан“ може многу добро да се вклопи и подвлече дека ЕУ може економски да му помогне на регионот преку својот Економски и инвестициски план, за кој досега се договорени малку проекти.
Но, како што рече, тука треба да се направи многу, особено за Западен Балкан да биде целосно вклучен во дигиталната и зелена трансформација и транзиција на Унијата, бидејќи тие транзиции се неопходни за вклучување во економиите на ЕУ, бидејќи во спротивно ќе заостанеме“.
Ние од Западен Балкан, подвлече Рама, сакаме резултати за да се спроведат реформите и нашиот народ да има корист од тоа.
Тој посочи дека ЕУ може да му помогне и на Западен Балкан да ги задржи своите најостри умови преку создавање заеднички програми за високо образование и вклучување во образовниот систем на ЕУ, со цел младите да најдат подобри можности дома.
Албанскиот премиер наведува дека во плановите на ЕУ за решавање вонредни ситуации може да се вклучи и Западен Балкан, исто како што во моментов се соочува со можна разорна енергетска криза која може да уништи години напредок во регионот.
„Мораме да се погрижиме нашите граѓани да не бидат препуштени на виорот на неволјите“, предупреди Рама.
Посочувајќи ја важноста на иницијативата „Отворен Балкан“, тој истакна дека ЕУ може да преземе практични чекори.
„За да можеме побрзо да ги примениме четирите слободи на Унијата, слободата на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе во Албанија, Северна Македонија и Србија“, додаде тој.
„Сите во Западен Балкан мора да го направат тоа ако сакаме да се приклучиме на единствениот пазар (ЕУ), а Светската банка изјави дека тоа ќе овозможи раст на бруто-домашниот производ до 10 отсто во сите наши земји“, објасни Рама.
Албанскиот премиер посочи дека со поддршка на таа иницијатива ЕУ ќе покаже дека е сериозна кога е во прашање Берлинскиот процес.
„И ние би ја поздравиле техничката помош за да се осигураме дека сме ги усвоиле техничките стандарди и прописи на Унијата“, додаде тој.
„Се надеваме дека ЕУ и другите наши пријатели, во Лондон и Вашингтон, ќе ни се придружат и ќе ги охрабрат другите во регионот да продолжат напред“, заклучи Рама.