Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отварање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници, се оценува во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, истакна претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на денешната прес-конференција.

Таа смета дека извештајот е директна потврда за оправданоста на активностите на Комисијата во овој состав, како и дополнителен поттик во напорите да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата и покрај обидите за дискредитација.

Во извештајот од ЕК е забележано и носењето на Националната стратегија за борба против корупцијата, како и обезбедувањето на просторните услови за функционирање на ДКСК.


Се чекаат одговори од ОЈО за тендерот на ДИК и за ДУП-от кај „Холидеј ин“

Обвинителството сѐ уште не ѝ одговорило на Антикорупциската комисија за иницијативите за кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистички план Ц08 за „Холидеј ин“, како и за оние од ДИК кои учествуавле во тендерот за печатени материјали за гласање, информираше претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Антикорупциска чека одговор и од Уставниот суд за оценка на донесениот закон од јавен интерес со номинирање на стратешки партнер за доизградба на коридорите 8 и 10. Ивановска додаде дека сѐ уште чекаат одговори и по иницијативите за разрешување на одговорни лица и промена на законската регулатива за ограничување на дискреционите права.