Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите наведуваат дека овој феномен на споделување фотографии, до 2030 година ќе биде причина за две третини од измамите со кражби на идентитет, што ќе чини стотици милиони долари на годишно ниво. Со името, датумот на раѓање и
адресата на живеење, која лесно може да се добие, доколку со една фотографија е објавена локацијата каде што е прославен роденденот, измамниците може да почекаат лицето да наполни 18 години и неговите податоци да ги користат за многубројни
измами и кражби, па и за отворање разни профили

Технологијата и дигитализацијата никогаш не биле повеќе користени колку во последниов период, особено откако коронавирусот се удоми во нашето секојдневие. Луѓето сѐ повеќе време минуваат на социјалните мрежи, префрлајќи ги животот и случувањата токму на социјалните мрежи. Објавуваат видеа, преноси во живо, фотографии, разни случувања од секојдневието…, токму тоа е и најголемиот интерес за „демначите на социјалните мрежи“, кои се обидуваат на секој начин да дојдат до сочни фотографии и од евтини уцени да просперираат, изнудувајќи пари од жртвите на кои се закачиле.

РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗЛОУПОТРЕБИ
НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ВО ЗЕМЈАВА

Според податоците и статистиките на Министерството за внатрешни работи, и во земјава имаме значително голем број граѓани, кои во секторите за внатрешни работи пријавиле одреден вид интернет-злоупотреба на личните податоци, независно дали се работи за фотографии, уцени или нешто друго.
Иако во согласност со статистичко-аналитичките правила и процедури, делата од областа на компјутерскиот криминал се евидентираат строго по доставени пријави во согласност со одредбите од Кривичниот закон на Македонија и не постои евиденција по видови, односно облици на извршени кривични дела преку компјутерски системи, бројката за 2019 и 2020 година на кривични дела поврзани со злоупотреба на лични податоци изнесува 85.
Па така, во согласност со аналитиките на МВР, за периодот 2019/2020 година до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика биле пристигнати 55 пријави, односно 30 кривични пријави, или вкупно 85 за двете години, а во врска со кривично дело по членот 149 „Злоупотреба на лични податоци“ од Кривичниот законик.
– По однос на состојбата во осумте сектори за внатрешни работи – околу пријавите на кривични дела по членот 149 („Злоупотреба на лични податоци“) што се однесуваат на случаи на социјалните мрежи (во најголем дел – Фејсбук) – статистичките показатели за периодот 2019/2020 го покажуваат следното: во Секторот за внатрешни работи – Тетово за 2019/2020 година се евидентирани вкупно 90 кривични дела по членот 149 од КЗ на РСМ, односно 39 во 2019 и 51 кривично дело во 2020 година; на подрачјето на СВР-Куманово во 2019 година има евидентирани вкупно пет случаи на кражби на профили од социјални мрежи, седум кражби и злоупотреби на лични фотографии и шест уцени со интимни фотографии. А, пак, во 2020 година се регистрирани вкупно осум случаи на кражби на профили од социјални мрежи, 10 кражби и злоупотреби на лични фотографии и пет уцени со интимни фотографии – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека според статистичките податоци на подрачјето на СВР-Штип во периодот 2019/2020 до надлежното Основното јавно обвинителство се поднесени вкупно 13 кривични пријави, за сторени 15 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, додека, пак, на подрачјата на секторите за внатрешни работи во Охрид и во Велес за посочениот период се поднесени вкупно 64 кривични пријави, при што на подрачјето на СВР-Велес од вкупно 18 кривични пријави – осум се однесуваат на кражби на профили на социјални мрежи, а 10 случаи на злоупотреба на лични фотографии за кои сопствениците биле и уценувани.

– Во рамките на истите активности на Одделението за компјутерски криминал при СВР-Струмица, во текот на 2019 и 2020 година се пријавени 31 кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ по чл. 149 од КЗ, во кои граѓани се оштетени со злоупотреба на нивни фотографии или податоци преку социјалната мрежа Фејсбук. Притоа од вкупно пријавените кривични дела – 14 се пријавени во 2019 година, а 17 во 2020 година. А на подрачјето на СВР-Битола, по членот 149, во 2019 година биле поднесени пет кривични пријави, додека, пак, во 2020 година – 16 кривични пријави – информираат оттаму.
На подрачјето на СВР-Скопје, во период од 2019 заклучно со август 2021 година, поднесени се 15 кривични пријави/известувања по чл. 149, од кои само три се однесуваат на злоупотреба на лични фотографии на социјалните мрежи. Во врска со регистрирани случаи на уцени со интимни фотографии, во периодот од 2019 заклучно со август 2021 година, СВР-Скопје евидентира 10 кривични дела по чл. 259 „Уцена“, истовремено се евидентирани и вкупно 21 поплака во врска со објавување компромитирачки материјали на социјалните мрежи.

ДЕЦАТА НАЈГОЛЕМИ ЖРТВИ

Повеќе од седум милиони луѓе во светот постојано објавуваат фотографии од својата приватна архива на социјалните мрежи. Родителите се едни од најголемите злоупотребувачи на приватноста на своите деца, ако се земе предвид фактот што токму тие објавуваат најголем број фотографии од своите наследници. Фотографии се објавуваат уште кога децата не се родени. На социјалните мрежи може да се забележат фотографии од ултразвук, а се објавуваат дури и прогнозите за тоа кога треба да се родат децата.
Родителите објавуваат повеќе информации отколку што воопшто се свесни. Ваквиот тренд што го нуди развојот на технологијата несомнено води кон голем број негативни последици за децата. Па, така, се зголемува ризикот за кражба на идентитетот, злоупотреба на фотографиите, прекршување на нивната приватност и дискриминација, со која во иднина би можеле да се соочат децата. А тоа се само мал дел од проблемите што може да ги предизвикаат родителите со објавувањето фотографии од децата.
Една студија покажува дека во Соединетите Американски Држави, повеќе од 90 проценти од двегодишните деца и повеќе од 80 проценти од бебињата веќе биле објавени со фотографии на социјалните мрежи од страна на нивните родители. Додека да наполнат 13 години, децата се објавувани на социјалните мрежи просечно околу 1.300 пати преку фотографии и видеа.
Во друга студија било констатирано дека родителите објавуваат фотографии и ги споделуваат само со една петтина вистински пријатели и роднини. Другите што се на листата пријатели се странци и непознати лица, а некои од нив во иднина може да станат непријатели. Со самото тоа, тие може да направат копија од фотографијата и да објавуваат срамни постови, кои засекогаш можат да им го зацрнат животот на родителите и на децата.

Експертите наведуваат дека овој феномен на споделување фотографии, до 2030 година ќе биде причина за две третини од измамите со кражби на идентитет, што ќе чини стотици милиони долари на годишно ниво. Со името, датумот на раѓање и адресата на живеење, која лесно може да се добие, доколку со една фотографија е објавена локацијата каде што е прославен роденденот, измамниците може да почекаат лицето да наполни 18 години и неговите податоци да ги користат за многубројни измами и кражби, па и за отворање разни профили.
Како резултат на овие, но и на многу други ризици, адвокатите што работат на заштита на детските права се обидуваат да ги едуцираат родителите да размислат малку повеќе пред да објават информации, вклучувајќи и фотографии од своите деца.
Професорката Стејси Стеинберг од Универзитетот во Флорида вели дека објавувањето разни информации и фотографии од децата е спротивно на правата на децата. Според неа, важно е да им се даде можност на децата да кажат „не“, кога станува збор за објавувањето разни податоци за нив, во кои спаѓаат разни текстови, фотографии или описи на нивните достигнувања. Стеинберг истакнува дека до четиригодишна возраст децата веќе имаат чувство за себеси и имаат свесност.
– Родителите што објавуваат разни податоци и фотографии од своите деца треба да ги прашаат децата дали би сакале тие информации да бидат споделени со роднините и со пријателите – смета таа.

КАМПАЊА НА ИНТЕРПОЛ

Независно дали станува збор за персонални мрежи или, пак, за службени, Интерпол предупредува дека сајбер-криминалот ги демне сите.
Токму затоа неодамна ја лансираа кампањата насловена „Само еден клик може да направи разлика кога станува збор за заштита на компјутерскиот систем, мрежа и личните информации од сајбер-криминалците“.
Во кампањата учествуваа повеќе од 70 земји-членки на Интерпол, голем број организации од приватниот сектор, од Светскиот економски форум, како и непрофитни организации.
– Кликнуваме стотици пати во денот, најчесто автоматски. Оваа кампања нѐ потсетува сите нас дека треба да посветиме внимание на сите наши онлајн акции, иако станува збор само за еден клик. Тоа што ќе останеме будни е најдобар начин да го превенираме сајбер-криминалот и да го направиме нашиот интернет-простор безбеден – истакна Крег Џонс, директорот на Одделот за сајбер-криминал при Интерпол.

[email protected]