Филмот „Јонузов мост” на авторот Петар Узуновски од Македонија е добитник на Гранпри плакета „Милтон Манаки” на 29-то издание на ФАДФ „Камера 300“. Ваква одлука донесе жири-комисијата во состав Љупчо Петровски од Шведска, д-р Антон Антонов од Бугарија, Целина Шевченко од Молдавија, проф. д-р Мисо Нетков и Благојче Божиновски од Македонија, откако ги прегледа сите 39 пристигнати филмови.
Според одлуката на жирито, „златна камера 300” е доделена на филмот „Микрокосмос” на авторите Јирген и Бергет Бергман од Германија. Добитник на „сребрена камера 300” е авторот Диме Талевски за филмот „Ресавска пештера” додека „бронзената камера 300” му припадна на „Направи филм” од Бугарија.
Плакетата на УНИКА е доделена на филмот „Писмо” чиј автор е Давид Козаров. Жирито на фестивалот додели и авторски награди. Плакетата на Општина Битола, за најдобра камера му припадна на авторот Франц Моге од Словенија за филмот „Клукајдрвец”.
Плакетата за најдобра режија „Драги Савевски” му беше доделена на авторот Сергеј Дхутли од Русија за филмот „Летни приказни”, а плакетата за монтажа ја доби Пеце Стефановски од Македонија за филмот „Двете жени од Мраморец”. Плакетата за идеја „Стево Сидовски” ја доби Тони Мкстајлер од Германија за филмот „150 нијанси
зелено”, додека плакетата за репортажа им припадна на група автори од КК Шумен Бугарија за филмот „Човекот и неговото време”.
Специјални награди на фестивалот добија, Томе Љушев за музиката за филмот „Аманет на стариот ангел”, Кристијан Кочовски за „Првиот”, Јан Хотман од Холандија за „Последното патување” и Џејмс Чалмерс од Англија за „Гробишта на чамци”, соопшти претседателот на жирито Љупчо Петровски. М.М.