Астрономите забележале чудни радиобранови кои доаѓаат од средиштето на Млечниот Пат. Според нова студија, забележаниот енергетски сигнал не е како другите досега проучени феномени, и сугерира на претходно непознат ѕвезден објект, пренесува „Си-ен-ен“.
Житенг Ванг, автор на новата студија во „Астрофизикал џурнал“ открива дека светлината на објектот значително варира, а неговиот сигнал постојано се „вклучува и исклучува“.
– Најчудното својство на овој нов сигнал е неговата висока поларизација. Тоа значи дека неговата светлина осцилира само во една насока, но таа со тек на време ротира – вели Ванг.
Првично, тимот на Ванг мислел дека се работи за сигнали од пулсар – тип на мртва неутронска ѕвезда која брзо се врти, или пак ѕвезда која емитува големи соларни бранови. Сепак, сигналот емитуван од овој нов извор на радио-бранови не се совпаѓа со наведените примери на астрономите.
Променливиот објект бил именуван АСКАП Ј173608.2-321635, по координатите каде што се наоѓа на ноќното небо.
– Ѕвездениот објект е уникатен по тоа што започна да емитува сигнали и беше невидлив, потоа стана осветлен, па исчезна, за потоа повторно да се појави. Ова однесување е извонредно – вели Тара Марфи, професорка на Институтот за астрономија во Сиднеј.
Објектот првично бил забележан со помош на австралискиот радиотелескоп „Патфајндер“ во Западна Австралија. Дополнителни набљудувања биле спроведени со радиотелескопот „Паркс“ во Нов Јужен Велс, и со телескопот на јужноафриканската радиоастрономска опсерваторија „МеерКАТ“, но не успеале да го лоцираат изворот на објектот.