Заклучно до вчера, во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 стана. Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле 201.247 граѓани од дијаспората
ДЕНЕСКА ЗАВРШУВА ЗАКОНСКИОТ РОК ЗА ПОПИСОТ
На последната владина седница, одржана пред два дена, не се разговарало за продолжување на пописот. Оттаму, според Душко Арсовски, портпаролот на Владата, последниот збор околу продолжувањето ќе го има Државниот завод за статистика.
– Сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до денеска вечер. Во моментов се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје – посочи Арсовски.
Според него, информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување, на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концентрација на население – додава владиниот портпарол.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека Државниот завод за статистика дава максимални напори да се комплетира пописот.
– Наша цел е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан.
Тоа што го знам е дека одредени реони се целосно попишани и тие попишувачи што ја завршиле работата таму доаѓаат во реони каде што сѐ уште има потреба да се врши пописот. Отворени се дополнителни пунктови каде што граѓаните сами можат да се попишат доколку не биле најдени дома или од некоја причина досега не се попишани – рече Маричиќ.
Претходно претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека не е проблем да се закаже седница за евентуално продолжување на рокот за спроведување на пописот, но ако измените на законот ги предложи Владата или 20 пратеници.
Од Државниот завод за статистика вчера најавија дека ќе проценат дали има потреба да се бара продолжување на пописот, иако процените на раководството на ДЗС се дека веројатно нема да има потреба за продолжување на операцијата, и покрај прекинот од неколку дена во почетокот, кој беше образложен со технички проблеми на апликацијата.
Денеска, 30 септември, е последниот ден од пописот, според законскиот рок. Иако оваа статистичка операција вообичаено треба да трае 20 дена, овој пат беше даден дополнителен рок од пет дена, со оглед на очекуваните пречки поради ковид-пандемијата, како и поради тоа што земјава речиси една деценија чека на нови податоци за населението, со оглед на тоа што последниот попис беше спроведен во 2002 година.
Заклучно до вчера, во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 стана. Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле 201.247 граѓани од дијаспората.
Инаку, повик да се одржи итна седница за десетдневно продолжување на пописот вчера дојде од Алијанса за Албанците. Бараат пратениците да донесат измени на Законот за попис, со кои ќе се овозможи продолжување на пописните активности, а наедно апелираа до граѓаните да ја искористат секоја можност да се попишат во своите домови или во центрите што ги одреди Државниот завод за статистика.