Јубилејното 55–то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од први до осми октомври во Прилеп. На свеченото отворање на фестивалот, идниот петок, наградите за животно дело ќе им бидат доделeни на актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и на сценографот Крсте С. Џидров.
Ова е одлуката на фестивалското собрание.
Јубилејниот фестивал ќе го отвори МНТ – Скопје со претставата „Мој термин“ по мотиви на Лорен Бафи и Винсенте Виљануева во режија на Синиша Ефтимов, за потоа до седми октомври да се претстават сите професионални театри од земјава.
Домаќинот, прилепскиот театар, ќе ја изведе „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец.
За најдобрите актери, режисири, претстава, ќе одлучува жири-комисија во состав Ѕвездана Ангеловска – актер и режисер, Бајруш Мјаку – актер и Александар Милосављевиќ театролог од Србија.
На фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе бидат промовирани и театарски изданија и ќе се одржи трибина на тема „Театарот во ковид 19 – проблеми и решенија“.
Затворањето на фестивалот, кој ќе се одржува според сите протоколи за заштита од коронавирусот, е на осми октомври со претставата „Драмски за Конески“.
Ка.М.