Иако сме сигурни во нашите релативни моќи, јасно е дека фудбалот како целина се соочува со големи финансиски предизвици, предизвикани од повеќегодишната материјална инфлација во платите и во трансферите, зголемена поради влијанието на пандемијата, рече Вудворд, извршен потпретседател на Манчестер јунајтед
Англискиот Манчестер јунајтед и италијанскиот Јувентус претрпеле големи финансиски загуби во сезоната 2020/2021, поради кризата со коронавирусот, која ги оддалечи гледачите од европските фудбалски стадиони, пишува „Ројтерс“. Извршниот потпретседател на Јунајтед, Ед Вудворд, изрази увереност во закрепнувањето на Јунајтед, откако неодамна стадионот „Олд Трафорд“, првпат по речиси 18 месеци беше полн. Но во Јувентус најавуваат дека и финансиска 2021/2022 година ќе ја завршат со „значителна загуба“.
Вудворд, кој во април рече дека ќе се повлече од функцијата на крајот од годината, се осврна на тешките услови во кои работат дури и најголемите клубови.
– Иако сме сигурни во нашите релативни моќи, јасно е дека фудбалот како целина се соочува со големи финансиски предизвици, предизвикани од повеќегодишната материјална инфлација во платите и во трансферите, зголемена поради влијанието на пандемијата – рече Вудворд на конференцискиот разговор со аналитичари и инвеститори.
Во Јунајтед очекуваат платите годинава да пораснат за 20 отсто, по ангажирањето на францускиот интернационалец, центархалфот Рафаел Варан, кој дојде во Реал Мадрид, и на крилото на Англија, играчот на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо. На крајот од јуни, клубот од Манчестер, кој минатиот месец потпиша договор и со петкратниот освојувач на „златната топка“, Роналдо, забележал нето-загуба од 92,2 милиони фунти, што е многу повеќе од загубата од 23,2 милиони фунти (27,2 милиони евра) една година порано. Во меѓувреме, Јувентус забележал годишна загуба од рекордни 209,9 милиони евра, повеќе од двојно од претходната година, пишува „Ројтерс“.