Политичките аналитичари деновиве се посветуваат на тоа што остава Ангела Меркел во политичко наследство на Балканот по заминувањето и каква ќе биде судбината на Берлинскиот процес за земјите од Западен Балкан, кој беше инициран во нејзиниот мандат како канцелар на Германија
Какво „наследство“ остава на Балканот Ангела Меркел по своето заминување од функцијата канцелар на Германија? Главната цел на германската надворешна политика за овој дел од регионот, а кој се однесува на признавањето на независноста на Косово од страна на Србија, не се оствари. По неуспешниот обид во 2011 година да издејствува признавање од тогашниот српски претседател Борис Тадиќ, Меркел ја менува својата политичка тактика и наместо конфронтација преминува на кооперативен однос со водечките политичари во Србија. Во однос на Босна и Херцеговина, се обидуваше преку поединечна комуникација со водечките етнички лидери, за да ги убеди да попуштат околу големиот број спорни теми. Но и таквиот пристап не постигна политички резултати, пишува во анализата на Томас Бреј, објавена на „Дојче веле“.
Во нејзиниот канцелариски мандат е иницирано одржување серија конференции на шефовите на државите и владите во земјите од регионот, која во меѓународната политичка терминологија е познат како Берлински процес. Овој формат на дискусии даде некои резултати: втемелена е регионална мрежа за млади и укинат е роамингот меѓу поделените балкански држави! Наспроти ова, нема значителен напредок во создавање заеднички пазар и реализирање инфраструктурни проекти.
Меркел во однос на Западен Балкан беше посветена на својата тактика на „стапот и морковот“. Евентуалното членство во ЕУ требаше да биде атрактивно за балканските лидери и да ги подготви за отстапки. Така, ЕУ под влијанието на Ангела Меркел ги игнорираше цветањето на корупцијата, гаснење на независното правосудство и притисокот на медиумите. Во однос на Србија беше силно промовирано „пријателството“ меѓу Меркел и српскиот претседател Александар Вучиќ, а со неговиот прием во кабинетот на канцеларката, во средина на предизборна кампања, јасно беше порачано кого таа го смета за свој политички партнер, забележува во својата анализа Томас Бреј.
И Хрватска, која стана најмладата членка на Европската Унија, под силното лобирање на Меркел ги изневери очекувањата на германската канцеларка. Таа демонстративно ја бојкотираше прославата за влез во ЕУ, бидејќи Загреб одби да ги испорача поранешните југословенски разузнавачи, кои се обвинети во Германија за убиство. Ангела Меркел не успеа да го оствари тоа што го сакаше во однос на ЕУ-интеграциите. Таа зад себе остави голема финансиска помош за Западен Балкан, која беше одобрена минатата недела за можните членки на Унијата во износ од 14,2 милијарди евра до 2027 година. Повеќето земји од ЗБ имаат исти цели и слични проблеми: полноправно членство во ЕУ и истовремено и многу домашни проблеми, од економски до корупција и недостиг од реформи и етнички тензии, се заклучува во анализата објавена на „Дојче веле“.
Српската политичка јавност е поделена во однос на улогата на Меркел во внатрешните случувања во земјата. Дел од српската опозиција смета дека таа со својот благонаклонет однос кон актуелниот претседател Вучиќ и неговите автократски потези ѝ отежнала на опозицијата во политичката борба. Белградскиот политиколог Марко Савковиќ смета дека е потребно време од изборот на новата германска влада за да се види дали ќе се смени нешто во политиката на Берлин кон Србија и кон Западен Балкан во целина.
– Треба да се анализираат дали се промениле германските интереси во регионот. Според моето мислење, тие не се сменети, зашто Германија сѐ уште е заинтересирана за стабилен Балкан, кој не произведува проблеми, регионот е на важна мигрантска маршрута, а тука се и економските интереси во Србија и во регионот. Мислам тоа ќе бидат приоритети и во иднина на Германија – вели Савковиќ за ДВ.
Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи, се обидува да даде одговор на тоа зошто Меркел на својата проштална турнеја на Балканот, што ќе се оствари неделава, се одлучи за посета на Белград и на Тирана.
– Се чини Ангела Меркел ги смета српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама за „деца “ на Берлинскиот процес, кој не успеа да го спроведе докрај. Се плашам дека по нејзиното заминување од политичката сцена тоа ќе биде и крај на Берлинскиот процес, кој не ни беше замислен како замена за членство во ЕУ, туку како регионален мотор на реформите, што ќе доведе и до членство во ЕУ – оценува Лео Бешири за „Дојче веле“.