ФИЛМ+ИНТЕРВЈУ+ЗОРАН СТОЈКОВСКИ
„За успешна стратегија во приближување на домашниот филм на публиката, потребно е континуирано филмско образование, а не само правење филмови. Не се доволни драмски академии и Агенција за филм, туку ни треба и филмски писмена публика како и независна аматерска филмска сцена, која се гради преку киноклубови и работилници“, вели Зоран Стојковски, магистер по филмска и тв режија
Разговара: Гордана Блажевска
Зоран Стојковски е режисер, кој живее и работи во Загреб, каде што магистрирал пред само година и пол на Академијата за драмски и филмски уметности и се стекнал со звање магистер по филмска и тв режија. Пред тоа дипломирал класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Неговата филмска или режисерска приказна започнува како актер-аматер. Некако, се чини, Стојковски се вклопува во оној тренд, дека е пожелно тие што студираат режија да бидат постари од 18 години, или уште подобро, да имаат завршено уште некој друг факултет. Со своите 36 години може да се каже дека е во најплодниот период за еден творец – уметник, а неговите филмови го претставуваат како зрел, изграден режисер, кој допрва ќе нè изненади со своите дела.
Филм+: Вашиот последен филм „Валцер за 1.Мај“, снимен 2019 година, на кој го потпишувате и сценариото, прикажува една интересна и добро осмислена приказна. Зошто 1 Мај, кажете ни нешто повеќе за идејата за овој филм?
Зоран Стојковски: „Валцер за 1. Мај“ е мој дипломски филм. Со него ги завршив студиите на Академијата за драмски и филмски уметности во Загреб. Во него се прикажува динамиката на една генерација придружена со фудбалски фолклор и пропаднати фабрики, кои се претвориле во национален фолклор. Па така, малку цинично, се наметна и самиот наслов. Приказната се базира на два лика, кои ги разделил животниот пат, а кои имаат убаво заедничко минато. Едниот го преиспитува минатото, затоа што очигледно го мачи, додека другиот се забавува на свој начин и ги испитува границите на толеранција кај гостите за 1. Мај.
Во филмот, покрај двајцата главни ликови, игра и релативно голема актерска екипа. Колку искуството во театарот ви помогна така успешно да ги претставите сите ликови во 17 минути, колку што трае филмот?
-Театарското искуство како актер ми помага полесно и поедноставно да работам со актерите, при што се трудам на никаков начин да не ги оптоварам. Но, сепак, тоа зависи од проект до проект. Сакам да правам проби и прецизни планови, но, сакам и да импровизирам, преферирам претходно со актерите да водиме разговори и без проби да одиме да снимаме. Мислам дека тогаш најмногу ја провоцирам својата интуиција и носам најдобри решенија. Се разбира, тоа првенствено зависи од претходно договорениот концепт.
Споменавте дека имате искуство како актер!
-Да, тоа беше во независните театри „Театар 007“ и „Театроск“ со кои направивме многу претстави и учествувавме на бројни фестивали во и надвор од земјата. За жал, во Македонија, поуспешно функционира независната театарска сцена, за разлика од филмската.
„Валцер за 1.Мај“ е прикажан на повеќе филмски фестивали во Хрватска, каде што ја освои и наградата „Хрватска ревија“. Какви се вашите понатамошни планови во врска со овој филм, кој беше прикажан и на годинешниот филмски фестивал „Синедејс“?
-„Валцер за 1. Мај“ си го изоде својот фестивалски пат и задоволен од постигнатото. Премиерата беше на „Загреб филм фестивал“, па се прикажуваше во Бетина, потоа на Пула филм фестивал, а во Сплит на „Хрватска филмска ревија“ освои посебно признание. Во Македонија се прикажуваше на Охридскиот бич фестивал и на „Дрим шорт“ во Струга, а деновиве го виде и пошироката публика на „Синедејс“ во Скопје.
Какви се вашите впечатоци, ако направите мала споредба, во поглед на филмските фестивали во Македонија и во Хрватска, во однос на концептот, програмата и гостите, а особено во привлекување на публиката, но и на филмаџиите. Дали фестивалите имаат разработено стратегија за да ѝ го приближат домашниот филм на публиката?
-Со само една посета на некој филмски фестивал во Хрватска, може да се почувствува традицијата на хрватската кинематографија. Тие имаат историја на домашниот филм и успешно се грижат за неа. Но, за успешна стратегија во однос на приближувањето на домашниот филм на публиката, потребно е континуирано филмско образование, а не само правење филмови. Мислам дека тоа е единствениот пат до успешна и богата кинематографија, а токму тоа недостига во Македонија.
Филмско образование во основни и во средни училишта, потоа преку катедра за филм на Филозофски факултет и разни работилници би можело да се стигне до резултати. Затоа што, ако сакаме да имаме здрава кинематографија, не се доволни само драмски академии и Агенција за филм, туку ни треба и филмски писмена публика, како и независна аматерска филмска сцена, која се гради преку киноклубови и работилници, каде секој кој сака, може да сними краток филм или да стекне филмско образование.
Сите ваши кратки филмови, а тука спаѓаат и: „Минато“, „Минатиот пат беше убаво“ и „Денови“, се магистерски филмови работени на Академијата. Каков е процесот на финансирање, колку е возможно да се одржи некаков континуитет, што на овие простори е особено проблематично?
-„Денови“ е филм на Киноклубот Загреб, снимен со нула буџет, но забележа многу добар фестивалски успех и со него ме примија на Академијата. Значи, аматерски филм направен на работилница за филм и тоа е начинот да се одржи континуитет во работата, особено кај младите автори. Аматерската филмска сцена е многу подобро разработена во Хрватска и во таа смисла подобро се работи тука што е многу битно, особено што го подига нивото на квалитетот на филмот, така што, многу „аматери“ често им ја разнишуваат удобната позиција на т.н. професионалци.
На тие работилници одат многу луѓе, меѓу кои и со завршени факултети, затоа што учењето не е завршен процес, секогаш може да се научи повеќе. Во овие киноклубови се функционира на волонтерска база: се пријавуваш на работилница, а откако ќе завршат предавањата, добиваш опрема за снимање, во клубот се прави и монтажа, за на крајот од годината да се прикажат сите филмови снимени во текот на таа година.
Дали имате аплицирано кај нас во Агенцијата за филм и колку, воопшто, е лесно или тешко да се добие поддршка и да се комплетира буџетот овде или во Хрватска?
-Добив поддршка од Агенцијата за филм за производство на краток игран филм, но поради пандемијата се пролонгираа плановите. Се надевам дека до крајот на годинава ќе го снимиме филмот. На овие простори, добиените средства не се доволни, но за среќа постојат копродукции и разни фондови, па некако се успева да се заврши работата. И во Хрватска е тешко да се добијат средства од Агенцијата, бидејќи има многу автори кои аплицираат. Но, без разлика, треба да се работи, авторите треба да снимаат и да се одржува континуитетот, треба да се бараат некакви решенија, на пример, преку кино клубовите. Но, и ако се зголеми буџетот во Агенцијата за филм, пак би имале инцидентни успеси како и досега. Затоа треба да се фати пошироко, да се едуцира базата, како што споменав, од која ќе произлегуваат нови филмаџии.
Во Македонија излегува месечното списание ФИЛМ+, кое го знаете и го следите, ме интересира каква е состојбата со филмски списанија во Хрватска, па и пошироко, особено во овие услови кога секаде се во криза печатените медиуми и културата, воопшто?
-ФИЛМ+ е една позитивна интервенција во македонската кинематографија и супер е што постои вакво списание. Во Хрватска нема списание што ќе ги следи само случувањата во филмот. Излегува „Хрватски филмски летопис“ еднаш годишно, но, тоа е научно списание за објавување научни трудови.
Кои се вашите идни планови, на што работите во моментот?
-Како што веќе споменав, чекам да почнеме со подготовки за снимање на одобрениот краток филм во Македонија. Во Хрватска, заедно со продуцентската куќа, работиме на финансирање на кратки играни филмови, развивам сценарио за долгометражен филм, а имам планови и за експериментални филмови во Киноклубот Загреб.
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.